Мажот кој синоќа го изврши нападот на божикниот базар во Стразбур, додека пукал извикувал „Алаху акбар“ (Бог е голем), соопшти денеска францускиот обвинител Реми Хајц.
– Имајќи ги предвид избраните цели, неговиот начин на дејствување, неговиот профил и сведочењата на оние што го слушнале како извикува „Алаху акбар“, беше ангажирана антитерористичката полиција, изјави Хајц.
Според последните податоци, во синоќешниот напад во Стразбур загина три лица, а 13 се повредени.
Полицијата го идентификувала напаѓачот, кој се уште е во бегство, како 29-годишниот жител на Стразбур, Шериф Шекат, кој е француски државјанин и им бил познат на властите како радикален исламист.
Хајц информира дека напаѓачот бил ранет во раката при размена на оган со француски војници во центарот на Стразбур, по што украл такси возило и побегнал.
Според Хајц, напаѓачот бил вооружен со пиштол и нож, кои ги користел при нападот.
Обвинителот информира и дека вчера при претрес на домот на напаѓачот, полицијата пронашла рачна бомба, пушка и четири ножа. Претресот бил извршен во утринските часови кога полицијата дошла да го уапси напаѓаот под сомнеж за вмешаност во обид за убиство и грабеж.
На полицијата тој и бил познат како извршител на повеќе кривични дела, поради што во 2011 година во Франција бил осуден на двегодишна затворска казна, вклучувајќи и шест месеци строг затвор, а во 2016 и 2017 година бил во затвор во Германија под обвинение за кражба.
Мотивите за синоќашниот напад се уште не се утврдени, но Секторот на париското Обвинителство за борба против тероризмот покрена истрага за „убиство и обид за убиство во рамки на терористички акт“ и „злосторничко терористичко здружување“.
Поради нападот француската Влада го подигна нивото на безбедност во земјата на „вонредно во случај на напад“.
Во потрага по осомничениот се вклучени околу 350 полицајци и два хеликоптера.