Со почитување на мерките за заштита од ширење на коронавирусот, Комисијата за заразни болести го одобрила одржувањето на „Трка на поезијата“, настан кој прв пат годинава ќе се одржи во Струга, на 23 мај, во организација на здружението „Спортски мостови“.

Првата трка на поезијата ќе се одржи под слоганот „Трчаме рецитираме“, а целта е подигање на свеста кај луѓето за важноста на физичката активност, како и промоција на спортот и трчањето. На настанот, како што информира организаторот, пријавено е учество на спортисти од земјава и соседството, а ќе се трча на пет и 10 километри. – Трката од 5 километри ќе биде од рекреативен, а од 10 километри од натпреварувачки карактер. Предвидена е и детска трка од еден километар, информираат од здружението „Спортски мостови“.

– Како прв атлетски градски настан со дозвола за одржување од Комисијата за заразни болести, оваа година имаме обврска сите заедно да бидеме пример за добра организација и максимално придржување на мерките. Само така ќе успееме сите заедно полека да се вратиме на нормалното живеење, соопшти здружението.