Во Струмица вчеравечер беше откриена биста на младиот музичар Ѓорѓи Ѓоргиев, како траен спомен на момчето кое со својот талент, љубовта кон музиката и тапаните остави силен печат во својот роден град.
Струмица уште еднаш покажа дека знае да ги чува од заборав своите граѓани – оние кои со својот талент, карактер и дела оставиле трага во нејзиното битие и придонеле за нејзината афирмација.
Еден од нив е и Џоко Ѓоргиев, кој на само 25 години трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Во негова чест, на денот на неговиот роденден, но и во спомен на сите 64 жртви на трагичниот пожар, вечерва во големиот градски парк беше откриено спомен-обележје. На чинот на откривањето му претходеше марш на сеќавањето, со кој семејството, пријателите и граѓаните на Струмица му оддадоа почит на Џоко и на сите невини животи прерано згаснати во трагедијата.
„И јас лично го познавав Ѓорѓи Ѓоргиев. Гордост е за човек да познава исклучително талентирано, паметно и пристојно дете“, со овие зборови своето обраќање го започна градоначалникот Петар Јанков.
Пред родителите на Џоко – мајката Зорица, таткото Драги и братот Димитар, пред семејствата на жртвите, роднините, пријателите, другарите, членовите на Советот на Општина Струмица и бројните граѓани, градоначалникот говореше за момчето кое преку својата музика успеа да допре до срцата на многумина.
За Џоко зборуваше и неговиот татко Драги, кој со своето обраќање ја оживеа спомената за својот син и за неговата љубов кон музиката.
Во име на мајката на Џоко, која скршена од болка и тага не можеше лично да се обрати, зборуваше Билјана Трајкова. Нејзиното дете го доби тапанот на Џоко – симболично продолжувајќи ја неговата љубов кон музиката и чувајќи дел од неговиот сон жив.

Спомен-обележјето не е само споменик на едно младо момче. Тоа е потсетник дека животот, талентот и човечноста на Џоко не смеат да бидат заборавени. Неговите тапани замолкнаа, но споменот на него продолжува да живее во неговото семејство, во неговите пријатели, во неговиот град и во сите оние кои некогаш ја почувствувале неговата музика.
Вечерва Струмица не се сети само на Џоко. Таа се поклони пред 64 млади животи и испрати порака дека трагедиите оставаат рани, но дека сеќавањето е начинот на кој оние што ги нема продолжуваат да живеат меѓу нас.




