На раскошно украсен епитаф, со локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски и манастирот во Рајчица, без традиционалните торжества, денеска во Струга ќе се одржи Струшката Литија со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица.
Поради пандемијата со Ковид – 19, годинава од поворката ќе изостане масата верници, кои доколку сакаат да им оддадат почит на моштите, тоа може да го направат од балконите на своите куќи или тротоарите, на кејот на реката Црн Дрим или во чаршијата, со почитување на здравствените протоколи за заштита од коронавирусот.
Организаторите во изјава за МИА упатија апел до верниците, да се придржуваат кон здравствените протоколи, да држат соодветно растојание и да носат заштитни маски.
– Поради актуелната состојба со пандемијата од Ковид – 19 годинашната Литија ќе се одржи под строги здравствени протоколи. Низ улиците ќе поминат моштите од „Свети Георгиј Победоносец“ и чудотворната икона од светецот, како и Крнинската икона на Богородица, дел од монаштвото и свештеникиот клир, како и носачите на крстови, рипиди, бајраци, икони и мошти, без оркестарот и традиционалните торжества, посочи организаторот.
За придржување кон мерките, ќе се грижат и полициски службеници од Одделението за внатрешни работи – Струга, кои, како што информираше СВР Охрид, имале состаноци со претставници на црквата „Свети Георгиј“ во Струга.
– ОВР Струга изготви оперативен план и физички ќе го покрива поширокиот дел од црквата „Свети Георгиј“, како и целокупната траса, по која ќе се движи црковната процесија и нема да дозволи групно движење позади поворката. ОВР Струга апелира до верниците, настанот да го следат од страна без придружување кон поворката и целосно придржување до препорачаните хигиенско-безбедносни мерки со цел, заштита на јавното здравје на населението од Ковид – 19, истакна портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Покрај полицијата, за одржување на редот, ќе се грижат и црковни лица и претставници од проватна агенција за обезбедување.
Традиционално на 7 мај, во Струга се одржува Литија со моштите од Свети Георгиј Победоносец од истоимениот манастир во Рајчица. Годинава, во услови на пандемија, моштите од светецот ќе пристигнат во црквата „Свети Георгиј“ во Струга од манастирот во Рајчица на раскошно украсен епитаф и по отслужување на вечерната богослужба, која ќе се одржи во дворот од храмот, поворката ќе почне да се движи низ Струшките улици околу 17 часот.