Дарко ЈАНЕВСКИ

Идејата за ова патување му се појавила уште во раните денови од неговата кариера. Тогаш станувало збор само за искра — мисла што доаѓа и си заминува. Сега е моментот кога неговиот сон станал реалност.

Станува збор за Ердал Лушо од Струга кој тргна во единствена и смела мисија – сам да го преплови Атлантскиот Океан со едрилица што целосно ја изработил со свои раце.

Цели 16 месеци тој ја градел својата едрилица наречена „Пиксел“. Лушо е единствениот учесник од нашата земја и еден од само осумтемина натпреварувачи во светот кои се квалификувале за оваа прекуокеанска трка.

Според строгите прописи, секој натпреварувач мора самостојно да ја конструира својата едрилица, без каква било индустриска поддршка.

Трката стартува од Португалија, а крајната дестинација се Карибите – растојание од околу 7 200 километри што треба да се помине за околу 40 дена, исклучиво со помош на ветрот и прецизна навигација.

Стартот беше планиран за 11 ноември, но е одложен поради неповолни временски услови.

„По топлиот пречек во Лисабон, тргнавме кон Сагреш, каде што е стартната точка на трката. Поради невремето се засолнивме во Портимао и таму ќе останеме неколку дена за дополнителни подготовки“, сподели тој на својот Инстаграм-профил.

И покрај неколкуте технички предизвици, Лушо уверува дека и тој и „Пиксел“ се целосно подготвени за големата авантура.

Пред два дена, имавме среќа да го затекнеме додека вечера во еден ресторан во Портимао во Португалија, каде пристигнал на 10 ноември и каде чека поволни временски услови за со неговата едрилица да тргне кон Карибите. Пишете ми побргу, само што завршив со вечерата, чекам да ми ја донесат сметката, да платам и ќе мора да станам, а потоа ќе немам интернет, ни рече Лушо.

Набрзина му пративме неколку прашања. Онака од прва. Ха, би можеле репортажа да направиме, иако ние сме во Скопје, а тој во Портимао, но едноставно немаше време. Рече дека наредните два дена нема да може да ни одговори, но потоа ќе ни напише. И навистина, го одржа зборот.

Лушо, кога се роди идејата за ова патување?
Идејата се појави уште во раните денови од мојата кариера. Како што стекнував искуство во едрење и бродоградба, таа идеја постепено се претвори во проект. Денес, конечно го живеам она што некогаш ми беше само сон.

Имаш ли страв од океанот?
Не би рекол дека ми е страв. Мислам дека ниедна природна сила не е злобна и нема намера да ти наштети — тоа е едноставно природата. Кон неа имам огромна почит и постојано се адаптирам.

Што очекуваш од деновите што следат?
Очекувам и најтешки и најубави денови. Се надевам дека ќе бидам безбеден, дека ќе пловам што е можно побрзо и дека ќе уживам во нешто што толку долго го очекував.

Кои се најголемите опасности на патеката?
На почетокот, најголема опасност се орките. Последниве четири години имаат навика да напаѓаат едрилици, што понекогаш завршува фатално за пловилото.
Од временски услови — најмногу се плашам од грмотевици. Со ветерот и бранот можам да се разбереме колку-толку.

Како спиеш во текот на регатата?
Спиењето е едно од најтешките нешта. Колку помалку спиеш, толку побрзо се движиш. Обично спијам 3.5 до 4 часа во текот на денот, поделени во интервали од 20 до 40 минути. Кога нема ветер, можам да спијам и подолго — 60 до 80 минути.

Колку е екстремна оваа регата?
Многу. Се учествува со минимална опрема и ова е еден од ретките формати каде што се натпреваруваш дури и додека спиеш. Едрилицата никогаш не запира.
Досега само 14 учесници успеале да ја завршат според правилата, а воопшто, со 5-метарска едрилица, само 49 луѓе самостојно го имаат преминато океанот.

Кога очекуваш да тргнеш кон Карибите?

Планот е да тргнеме во недела, но се зависи од времето. Засега е променливо, го следиме и во очекување сме. Ќе можете да ме следите каде сум преку линкот што ви го пратив.

Добро Лушо. Пиши ни кога ќе стигнеш на Карибите.

Секако. Но Ве молам обајвете го линкот преку кој, тие што сакаат, ќе можат да донираат средства.

Во ред Лушо. Поздрав и среќен пат.

Благодарам.Поздрав.

Ова е линкот за донации за Лушо

Фото и видео: Инстаграсм профил на Ердал Лушо