Вториот случај на омикрон-сојот на коронавирусот во Македонија е потврден вечерва кај повозрасно лице од Струга кое имало примено две дози „Фајзер“. Воедно, тоа е прв случај на омикрон во градот Струга, потврди за МИА Јованка Струлакова-Коровешоска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје(ЦЈЗ).

– Лицето во моментот е во изолација. ПЦР-тест правеше пред една недела заради патување во странство. Во текот на скринингот излезе дека е позитивен на ковид – 19, а денеска добивме потврда дека се работи за новиот омикрон-сој – изјави Струлакова – Коровешоска.

Таа посочи и дека човeкот не знае од каде се заразил, а како контакти ги навел членовите од потесното семејство.

На ова реагираше Министерството за здравство кое ја информира јавноста дека досега со секвенционирање на вирусот SarsCoV2 детектиран е сојот омикрон само кај еден пациент кој во државата пред извесно време се вратил од Велика Британија.

Утврдување на присуство на сој на вирусот SarsCov2 се врши единствено и исклучиво со секвенционирање, ПЦР тестирањето, односно детектирање на S-gene dropout може да биде само индикација но не и потврда дека пациент е заразен со сојот омикрон на Ковид 19. Досега на ПЦР тестови кај тројца пациенти позитивни на Ковид 19, детектиран е S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со омикрон.