Огорчени сме и разочарани од политички влијанија и мешање во нашите искрени и чесни намери, соопштија од Независниот студентски сојуз и објавија дека е откажан утрешниот простет на платото пред Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.
Денеска сведочиме за видео материјал со кој се потврдува политичката вмешаност, велат од студентскиот сојуз откако во јавноста протекоа видео-снимки од онлајн сесија преку платформата „Зум“, кои укажуваат на подготовка на српското студентско-граѓанско сценарио во земјава.
Станува збор за координирани обуки, во кои учествуваат граѓани од Македонија, како и обучувачи и активисти од Србија, каде веќе подолг период се одвиваат протести и улични движења со дестабилизирачки карактер. На снимките се слушаат совети за тоа како да се организира привидно спонтан револт, како да се избегне секој институционален дијалог, да се креира медиумска драма и да се манипулира јавното мислење преку лажни профили и фабрикувани пораки.
Огромна група на студенти е жртва на обид за манипулација и тоа не сакаме да го дозволиме.
Поради тоа нашиот собир закажан за утре во 13:00 часот пред платото на УКИМ се откажува, додека целосно не ги дистанцираме обидите за политичко влијание.
За дополнителни чекори ќе ве известиме во наредниот период.
Повторно апелираме партиите да стојат на страна од искрените и чесни намери на студентите за нивно организирање, посочуваат од Независниот студентски сојуз.
На социјалните мрежи и во медиумите се објавува и друго соопштение, во кое спротивно на претходното за одржување на собирот:
„Во име на студентската автономија, НСС УКИМ ги повикува сите студенти на пленум во понеделник во 13 часот на платото на УКИМ. Ова се наши факултети, наше право е да одлучуваме! Не ни треба бирократско тело кое работи зад наш грб. Време е студентите да одлучуваат за своите факултети, а не второстепеното бирократизирано тело УСС. Ги повикуваме сите факултетски собранија да го следат примерот на ФСС ФЗФ и да го делегитимираат телото кое не ги претставува студентите. Во понеделник, сите на платото – студентската автономија не се моли, туку се брани!“ се вели во второто соопштение.