Ништо од надежите на јавноста дека ќе се слушнат над еден милион и двесте илјади пораки и податоци од телефонот на Бојан Јовановски алијас Боки 13 за мега скандалот со Меѓународен сојуз. Одбраната тврди дека има многу компромитирачки материјали, меѓу нив и за повеќе актуелни и поранешни функционери, но тие ќе останат недостапни оти судот пресуди дека одбраната го надминала рокот за да ги селектира и да ги приложи во постапката. Ваквиот развој значи дека нема да сведоштва на над 30 политичари, меѓу кои е и екс премиерот Зоран Заев. Ваквиот епилог предизвика тензии, а одбраната бурно реагираше на обвинувањата од судијката Софче Гаврилова Ефремова  дека постапувала во насока на одолговлекување на постапката. Бранителот на Јовановски, Сашко Дуковски во судницата рече дека  тие немале пристап до комуникацијата на Ватс Ап иако податоците од телефонот им беа предадени на хард диск, бидејќи програмот со кој можеле да се отворат во Македонија го имале само во МВР.

Гаврилова им забележа на одбраната дека седум месеци им биле доволни да ги анализираат сите податоци од хард дискот и да ги селектираат оние кои се потребни за овој предмет, но Јованоски на тоа одговори дека за сето она што го има на телефонот ќе бидат потребни години за анализирање.

Тоа е една хаварија од податоци за кои не седум, туку 70 месеци нема да биде доволно да се селектираат и анализираат. Не еден туку 70 вештаци да се соберат нема да можат да ги анализираат сите тие податоци. Има основани сомненија дека од апликацијата ‘WhatsApp’ на телефонот се бришени комуникации за лични злоупотреби рече Јовановски во судот.

Одбраната на Јовановски, но и на Ерцеговиќ и Ременски, потенцираа дека прво сакаат да бидат изведени материјалните докази од телефонот па потоа да бидат сослушани сведоците со цел, како што рече авокатот Дуковски и неговиот клиент, да не им се остави простор сведоците да даваат лажни искази пред судот.

„Заедно со тој екстерен хард диск којшто би требало да претпоставува некоја форензичка копија, е доставен само еден програм за отворање на таа форензичка копија. Значи, програмот Celebrity, а програмот AXION и XRY воопшто не се доставени. Е, сега јас јавно прашувам како ние тоа да го отвориме екстерниот диск за да може да го прочитаме содржината на ‘WhatsApp’ комуникацијата“, рече Дукоски.

Со оглед на тоа дека судот ги одби сите предложени сведоци на одбраната, завршува доказната постапка за предметот, а на следното рочиште закажано за во петок обвинетите ќе треба да ја дадат својата одбрана. Јовановски пред два дена го испрати третото писмо од затворот во Идризово во кое сподели фотографии од комуникација со Заев и Љупчо Николовски, а за кои тврди дека биле изведени како докази во предметот Рекет каде тој е правосилно осуден.

На Боки 13 во Меѓународен сојуз му се суди за измама и перење пари на бизнисмени за наводна изградба на старечки домови, на кои според обвинителството им се земени близу еден милион евра. Обвинета е и потпретседателката на Меѓународниот сојуз во тоа време Јасна Ерцеговиќ. За помагање им се суди на поранешната пратеничка од СДСМ Фросина Ременски, асистентката на Боки 13, како и на неговиот татко.

ТВ АЛФА