Во Кривичниот суд на денешното рочиште за случајот „Рекет” сведочеше адвокатот Сашко Бошков, кој рече дека првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 барал од него пари за случаите кои ги водело тогашното Специјално јавно обвинителство против неговиот кум бизнисменот Зоранчо Митровски.
Тој кажа дека остварил две средби со Јовановски на кои присуствувал и кошаркарот Владо Илиевски.
На првата средба зборувале за медиумска поддршка за избирањето на претседател на Кошаркарската федерација, а на втората Јовановски му кажал дека има неколку дела што се водат во СЈО за Митровски, кој му е кум и долгогодишен пријател на Бошков.
На таа средба, Бошков го прашал Јовановски, што може да направат за тие случаи, поврзани со „Бетон Штип“, на што Јовановски му рекол да даде два милиони евра за да се решат.
Бошков изреагирал бурно и по некое време си заминале со Илиевски од 1 ТВ, каде што се одржала средбата.
Сведокот по неколку дена му пренел на Митровски што било кажано на средбата, по што Бошков го советувал Митровски да пријави.
Митровски му рекол дека не смета оти треба да даде пари и пријавил за тоа што го побарал Јовановски.