Судењето за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид „Траекторија“ на СЈО продолжува на 16 септември.
Претходно Судот ги одби барањата на одбраната за изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и Лиле Стефанова за случајот и постапката продолжи со изведување на материјални докази.
На почетокот на денешното рочиште, судечкиот совет се повлече на пауза од половина час за да одлучи за барањето на одбраната за прекин на рочиштето додека Советот на јавни обвинители и Собранието не се произнесат за разрешувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Според одбраната, нема легитимитет да се застапува било кој предмет покренат од Јанева, вклучително и овој додека не се произнесат двете институции надлежни за нејзиното разрешување.
Адвокатот Еленко Миланов посочи дека застапникот на обвинението, обвинителката Лиле Стефанова е и сведок против нејзиниот властодател Јанева во случајот „Рекет“ и додаде дека неколку предмети во фаза на предистражна и истражна постапка или за кои се поднесени обвиненија можат да бидат поврзани со оваа афера.
Тоа додаде, според него е доволен основ Стефанова да биде изземена од предметот „Траекторија“.
Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-директорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.