Неоснована е тужбата на обвинителката Вилма Русковска против ВМРО – ДПМНЕ. Граѓанскиот суд утврди дека нема основ за постапка. Адвокатот на шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, рече дека ќе почекаат судот на писмено да образложи зошто тужбеното барање е одбиено, па дури потоа ќе одлучат дали ќе се жалат до Апелација.
Обвинителката Вилма Русковска покрена тужба за клевета против опозициската партија поради предизборните спотови на ВМРО-ДПМНЕ кои се емитуваа за време на кампањата пред парламентарните избори што се одржаа на 15 јули годинава. Во два рекламни спота „Криминална приказна“ и „Штаб на лагите“, обвинителката Русковска беше претставена како слуга на СДСМ.
Обвинителката Русковска во тужбата наведува дека преживеала анксиозност, душевна болка и загриженост, додека пак од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ се бранеа дека доколку судот пресуди во нејзина корист, ќе се загрози слободата на изразување.