Земјите-членки на ЕУ на трансродовите лица мора да им издаваат документи за лична идентификација во кои ќе биде наведен нивниот нов родов идентитет, дури и во случај ако не го завршиле процесот на транзиција на полот, смета генерален адвокат на Судот на правдата на ЕУ.

Ставот на генералниот адвокат се однесува на случај покренат пред Судот на ЕУ од трансродово лице од Бугарија, родено како маж, но кое е подложено на хормонска терапија и сега живее како жена.

Лицето поднело тужба пред Судот на правдата на ЕУ, откако бугарските власти одбиле да му го признаат новиот пол во документите за лична идентификација, со образложение дека националното законодавство на Бугарија не дозволува промена на полот или личниот идентитет.

Но, генералниот адвокат на Судот на ЕУ во своето мислење, објавено вчера, смета дека со „оневозможувањето трансродово лице да има лична карта во согласност со актуелниот пол, се поткопува право на ЕУ за слободно движење и живеење низ целиот блок“.

Генералните адвокати се високо рангирани функционери на Европскиот суд на правдата, кои даваат мислења по судски постапки, учествуваат на судењата и имаат право да ги сослушуваат инволвираните страни во случајот. Судот на правдата не може да донесе пресуда без претходно дадено мислење на генерален адвокат, но тоа мислење е советодавно и не е обврзувачко за самиот Трибунал или за судовите во земјите членки на ЕУ. Сепак, Судот на правдата на ЕУ често при носењето пресуди ги следи препораките на генералните адвокати.

Датумот за изрекување на пресудата во оваа постапка се уште не е закажан.

Доколку Судот на ЕУ го прифати мислењето за генералниот адвокат, тогаш трансродовите лица во ЕУ би имале право да бараат признавање на новиот родов идентитет во нивната земја на потекло, дури и ако не извршиле операција за промена на полот.

Со пресуда на Судот на правдата од минатата година, земјите на ЕУ се должни да го признаат променетиот пол на едно лице, доколку тој е законски признат во која било друга членка на Унијата.