Пред Основен суд Скопје 1 од вчера попладне се поставени метални барикади, во очекување на протест поради пресудата за случајот „Тенк“, која денеска треба да биде соопштена во Кривичниот суд.
Во случајот „Тенк“, осомничени за набавката на блиндираниот „мерцедес“, кој сега го користи Владата, се екс-премиерот Никола Груевски и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски. Во овој случај обвинета е и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа беше издвоена поради ризична бременост.
Поповски вчера беше осуден на деветгодишната затворска казна за случајот „Триста“, за незаконска набавка на 300 полициски возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година, а му беше одреден и притвор.
„Мерцедесот“ за кој денеска ќе се носи пресуда, деновиве, беше користен при посетата на британската премиерка Тереза Меј која беше во посета на Скопје.
Постапката за продажба на блиндираниот „мерцедес“, која беше објавена, па стопирана, како што изјави денеска портпаролот на Владата Миле Бошњаковски е, поради судскиот процес. Тој ова го изјави, одговарајќи на новинарско прашање дали возилото ќе остане за потребите на Владата зашто се користи за превоз на високи странски функционери.
Портпаролот смета тоа не е единственото возило во МВР со безбедносни стандарди за заштита на високи делегации кои престојуваат во Македонија но, рече, не може да го потврди тоа.