Насобрани граѓани пред Кривичниот суд во Скопје, по соопштувањето на пресудата, почнаа да извикуваат „Никола, Никола“, „Македонија, Македонија“, „Фашисти“, „Срамота“…

Поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски денеска во Кривичниот суд Скопје беше осуден на шест години и шест месеци затвор во предметот на СЈО „Тенк“. Второобвинетиот,  поранешен премиер Никола Груевски како поттикнувач за сторување на делото е осуден на две години затвор. Поповски е осуден за злоупотребата на службената положба, додека Груевски за стекнување лична корист и потикнување за извршување кривично дело.

Судијката Добрила Кацарска при изрекување на пресудата кажа дека двајцата осудени треба во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата да ја надоместат штетата настаната во овој случај.

Експремиерот Груевски денеска не дојде на изрекување на пресудата за случајот „Тенк“, туку беше застапуван од своите бранители Сања Алексиќ,  Димитар Дангов и Боро Тасевски.

Првообвинетиот Поповски, со лисици на рацете  од Истражниот затвор Скопје беше донесен во судот. Тој вчера, како поранешен помошник министер за внатрешни работи, беше осуден на девет години затвор за злоупотреба на службената положба во предметот на СЈО „Триста“, за набавка на 300 возила за МВР и веднаш беше упатен во притвор, на барање на СЈО поради опасност од бегство.

За третообвинетата Гордана Јанкулоска, пред еден месец постапката беше издвоена и за неа рочиштето е закажано за 28 јуни.

Според пресудата, прочитана од судијката Кацарска, Никола Груевски извршил влијание врз другите двајца обвинети на начин што од Гордана Јанкулоска побарал МВР да купи патничко возило „мерцедес“, а Јанкулоска, пак, го поттикнала Ѓоко Поповски при купување на возилото да го фаворизира економскиот оператор „Мак Ауто Стар“ ДООЕЛ Скопје.

Пред новиот Кривичен суд беа собрани повеќе поддржувачи на Груевски, меѓу кои се и поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски.

Судот е обезбеден со полициски кордон, а уште од синоќа беше ограден со метална ограда со што е ограничено движењето околу судската зграда.

По изрекувањето на пресудата, во изјава за медиумите одбраната истакна дека е незадоволна од донесената одлука на судот и ќе поднесат сериозна жалба.

– Како одбрана во овој предмет силно жалиме што Основниот суд Скопје 1 не ја прифати нашата силна аргументација која со леснотија ќе го победеше овој суд при изрекување на пресудата да донесе ослободителна пресуда. Не само тоа, но да донесе ако милуваше така, одбивателна пресуда. Од причина што не постојат услови за кривично гонење на ниту еден од обвинетите. Сигурно сме незадоволни и ќе вложиме сериозна жалба против ваквата пресуда на овој суд, истакна Димитар Дангов, еден од адвокатите на одбраната.

Груевски во изјава за медиумите пред 15-тина дена истакна дека Заев направил одреден договор со главниот судија во процесот за „Тенк“ и „Поткуп, за негово осудување.

– Дека тој нејзе ќе и овозможи да напредува, да стане судија на Апелациониот суд, а веднаш потоа и претседател на Апелациониот суд, а дека за возврат тој ќе биде прогласен за невин во случајот „Поткуп“, каде што има еклатантни докази, со ПИ мерки, изјави Груевски.

Груевски кажа дека договорот е и тој да биде осуден. Во завршните зборови во случајот „Тенк“, Груевски истакна дека процесите кои се водат од СЈО против него и неговите соработници се класични и чисти политички судења.