Судскиот совет на денешната седница разреши судија од Основниот кривичен суд Скопје поради поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Постапката за разрешувањето на судијата, како што изјави претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, се водела околу една и пол година, но притоа не сакаше да открие за кого станува збор.
-Не можам да ви кажам за кого одлучувавме, меѓутоа факт е дека на денешнта седница имавме посебна точка за утврдување на одговорност на судија и нашата одлука е дека се разрешува од функцијата судија на конкретниот суд, поради повреда на одредбите од судскиот деловник по однос на примената на системот, изјави Здравев по завршувањето на седницата.
Посочи дека, нестручното работење на судијата е утврдено за период од две до три години.
Како една од причините поради кои толку време се водела постапката, првиот човек на Судски совет го посочи недоаѓањето на конкретниот судија на закажаните расправи.
Подетално за предметот, како што рече, не може да каже од причини што мора да се почитува пресумцијата на невиност.
– Кога нашата одлука ќе стане правосилна, ние ќе објавиме и во Службен весник на РСМ со одреден мал степен на минимизирање, истакна Здравев.
Иако Здравев не сакаше да го каже името на разрешениот судија, неофицијално, како што објавија медиумите, станува збор за Татјана Михајлова, а главна причина е злоупотреба на АКМИС системот. Нејзиното разрешување е проследено со силна пропаганда на сдсм-овските медиуми против судијката.
На денешната седница, Судскиот совет констатира престанок на судиската функција на судијка Јулијана Гареска од Основниот суд Куманово, по нејзино барање поради исполнување на услови за пензија.
Судијката, како што рече Здравев, од здравствени причини поднесе барање за престанок на функцијата, бидејќи исполнува услови за пензија со 62 години и 15 години стаж.
Здравев, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во 2020 година за утврдување на одговорност поднесени биле барања пред Судски совет за околу 107 судии.