Преку механизмот за цивилна заштита на Европската унија, нашата држава денеска доби донација од Чешка која се состои од 108 илјади заштитни маски, 18 илјади маски тип FFP2/N95, како и пет илјади медицински наметки.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров кој денеска присуствуваше на настанот на примопредавање на донацијата истакна дека во моментов, чекајќи ги вакцините, фокусот на Владата е обезбедување заштитен материјал за оние во првите борбени редови.

– Нашите пријатели од Чешка излегоа во пресрет на нашето барање што беше поднесено преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Со оваа помош, Чешка, со обезбедување заштитни маски и медицински наметки, влегува во едно друштво на наши пријатели кои преку овој механизам обезбедија помош. Чешка ни е голем пријател, очигледна е оваа солидарност, рече Димитров додавајќи дека во времето кога маските беа особено во фокус, во првата фаза од битката, добивме милион хируршки маски од Чешка.

– Се заблагодарувам на чешкиот народ и чешката влада за оваа помош од името на нашата Влада и исто така за тоа што се принципиелни подржувачи на политиката на проширување, но и јасно стана во декември минатата година и промотори и чувари на ЕУ како заедница на вредности, заклучи Димитров.

На настанот се обрати и чешкиот амбасадор Мирослав Томан кој нагласи дека овој чин е доказ за врската меѓу двете нации.

– По тешките времиња се познаваат пријателите. Се надевам дека заедно ќе се вратиме на нормалниот живот поскоро, рече Томан.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути додаде оти ова е чин на повеќе од пријателство кое се повторува во нашата земја и оти Чешката Република се вбројува во вистинските поддржувачи на Македонија.