Судскиот совет на Република Македонија денеска на 513 седница расправаше и одлучуваше по претставки и поплаки што до него ги пратиле граѓани и правни лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите.
На дневен ред на седницата беше Годишниот план за јавни набавки за 2025 година, за кој дополнително ќе се гласа откако дел од членовите имаа забелешки за недоволно средства за функционирање на Судскиот совет и бараа повлекување на Планот за да се издејствуваат, доколку е можно, повеќе средства.
Според Селим Адеми, во Годишниот план за јавни набавки за 2025 не се предвидени пари за регионални и меѓународни конференции и, како што рече, жали што нема средства и за истражување за состојбата со судството.
-Нема ни графа за преведување, не се воведува систем и не го користиме правото што ни го дава Законот за употреба на јазици, додаде Адеми.
Весна Дамева рече дека иако се укажува на транспарентност, во Планот не е предвидена сума за ангажирање ПР-агенција или за други договорни услуги согласно со комуникациската стратегија што ја усвоил Судскиот совет.
-Не гледам никаде ставка и за работилници, организирање меѓународни и регионални конференции, а имајќи ја предвид нашата заедничка заложба за отворање и соработка, не само во земјава и регионот, туку и надвор, ние ако го изгласаме овој План за јавни набавки некако сами си пресудуваме да немаме успех во тој дел. Мојот предлог е уште еднаш да се направи план во Судско-буџетскиот совет и со службите да се издејствува да се обезбедат барем уште 1,5 милион до два милиона (денари), рече Дамева, додавајќи дека тоа е неопходно за да може да ги имплементираат препораките од Оценската мисија.
Судијката Тања Чачарова-Илиевска се согласи со предлогот да се повлече Планот дополнувајќи дека треба да водат сметка и за просторните услови во зградата и потребата да се реновираат некои нејзини делови кои не функционираат, како пример тоалетите кои се, рече, „во страшна состојба“.
Членовите на Судски совет утврдија престанок на судиска функција на Ристе Ристовски, судија од Апелацискиот суд Битола, поради исполнување услови за старосна пензиј.
Исто така, тие го уважија барањето за надомест за одвоен живот поднесено од судијката Данка Ристова од Радовиш, која минатиот месец беше избрана за член на Судскиот совет. Од 12 декември 2024 таа има право за надомест на трошоци по овој основ, во месечен износ од 30 отсто од просечната плата во државава.
Фото: МИА