Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева обвинета во случајот „Рекет“ е пуштена во домашен притвор по одлука на Апелацискиот суд, а јавната обвинителка Вилма Рускоска која го води случајот веднаш најави покренување на финансиска истрага против судиите кои донеле ваква одлука.
Ова многу личи на судско-обвинителски игри за „релаксирање на јавноста“ по пуштањето од притвор на еден по еден на сите обвинети во аферата Рекет. На истата јавност која летоска се чудеше кога Јанева ја пуштија на одмор во Грција, потоа на одмор и Русковска, која пак сега така ревносно ја зема правдата во свои раце и ќе ги гони судиите…
– Не знам кои се судиите. Чекам да го добијам решението, но ќе покренам финансиска истрага, изјави вчера Рускоска за МИА.
Јанева вчера попладне ја напушти „Шутка“ и со качулка на главата во полициска придружба беше пренесена во станот на нејзиниот син во близина на Клубот на пратеници во Скопје. Од таму, Јанева ќе го чека судењето закажано за 3 декември.
Мерката притвор која и беше определена на Јанева вчера попладне ја укина скопскиот Апелациски суд кој ја уважи нејзината жалба и и одреди мерка куќен притвор.
– Преиначено е првостепеното решение и одредена е мерка куќен притвор, заедно со мерки за претпазливост, изјавија од Апелацискиот суд за МИА. Лекарската документација, според судиите од Апелација, укажувала дека и со мерката куќен притвор може да се обезбеди присуството на Јанева.
Во случајот „Рекет“ покрај Јанева, обвинети се Борјан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец. Јанева беше уапсена на 21 август по што судот и одреди мерка притвор. Покрај Јанева, во домашен притвор претходно беше пуштен и Кичеец, а во притвор останува Борјан Јовановски за кого неговите адвокати вчера побараа да биде хоспитализиран поради здравствени проблеми.