Во период кога правосудниот систем ужива доверба од само 2%, дел од судството и обвинителството повторно го става фокусот на зголемување на платите, наместо на клучните сегменти како ефикасност, независност и брзо решавање на судските предмети. Иако располагаат со значителни примања, јавноста не гледа подобрување на квалитетот на судските процеси, намалување на застојот на предмети или пак поголема отчетност, истакна на денешната прес конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Ги прашуваме овие поединци кои се гласни за поголеми плати, а не за извршување на обврските, зошто вака бурно не реагираат кога предметите стојат по фиоки со години? Зошто нема револт кога граѓаните со право бараат правда и одговорност? Секогаш кога се бара резултат, одредени лица се кријат зад оправдувања за наводни притисоци, наместо да покажат професионална посветеност. За нештата да бидат појасни, Македонија издвојува 0,39% од БДП што е едно од највисоките во регионот и Европа.

А сега кога говориме за кадарот, Германија има околу 25 судии и 8 обвинители на 100.000 жители, додека Македонија има 22 судии и 9 обвинители. Но клучната разлика е во ефикасноста. Германските судии завршуваат околу 800 предмети годишно, додека пак македонските само од 170 до 200 предмети. Притоа, македонските судии и обвинители земаат од 2,3 до 3,2 просечни плати, а германските судии и обвинители само 1,08 просечни плати.

Граѓаните не треба да чекаат 5 до 10 години за правосудна разрешница. Наместо приоритет да бидат личните привилегии, приоритетот мора да биде правдата, ефикасното судење и независноста. Очекуваме од судството и обвинителството да си ги засукаат ракавите и да ја исполнат својата обврска кон граѓаните, порача Манасиевски.