Кога станува збор за Спасовден и народните обичаи и верувања поврзани со него, интересно е празнувањето на четвртоците од Велигден до Спасовден што се викаат Велики четвртоци. Тогаш не се работи, особено не се прега јарем за град да не го унипти полето, верување кое е останато од претхристијанскиот период кога во четврток се славел богот Перун. Овие пагански верувања црквата настојувала да ги искорени и преку свештениците постојано му укажувала на народот. Така, на пример, Кирил Пејчиновиќ во своето дело „Огледало“ на овој проблем му посветил  поголемо внимание.

„Во едно село видох поп ореше во четврток, а прости сиромаси христијани некнижни отидоа да му строшат ралото и го учат попотого, му велат: „Денеска ли најде да работиш, поп чоек и книга знаеш!“ И попот им вели това: „Дека знам книга, знам знам зошто не се држит денес. Ем сом прашал духовници, сом прашал и владика, ми рекел четвртоците не се држат, ни петоци, салт недели и други великим празници“.

„Они му велат: „Кога така, от сега не слушамо никого, ни духовник, ни владици, салт што сме нашле ќе држимо. Кога ќе ни утепа град, попови што ќе ни поможат, после и владици? И ти попе ако држиш ка што држимо мије, ако ли не, а ти стани од селово, мије таков поп неќемо“. Пак попот виде не виде, стори се каил да држит како учат мирјаните. Со све знаеќи, се стори ка да не знае, со све очи се стори како слеп, отиде не слеп по слепого, туку окат по слепого, помнипте ради суетнаго века сего. Олеле безумие! Олеле бестрашие!“

И јеремнонахот Јосиф од кичевскиот манастир Пречиста во една беседа кажувана во цветносната недела против некои суеверија што фатиле корен меѓу народот, ги споменува и великочетвртоците чие држење како празник, исто така го нарекува суеверие. Во оваа беседа во цариградскиот весник „Новини“ во 1893 година се вели: „А за празниците Господски од неделите башка сме разбрали оти појќето рисјани не прашует попот, али некој книжоен црковник, да им кажет кои сет за држење, кои не, туку сами по свое знаење си наредиле и свои празници: Летник (1 мај) Чуруци (Св. м-ци Кирик и Јулита). Седум великичетвртоци по Велигден за град да не биел по беричетот.“

Од книгата на Марко Китевски „Македонски празници и празнични обичаи“