Православните христијани денеска го прославуваат Возниесението Христово или Спасовден.

Спасовден или празникот на Христовото вознесување на небото е четириесеттиот ден од Воскресението. Господ во текот на 40 дена по своето воскресение им се јавуваше на учениците, зборувајќи им за царството Божјо. И откако им заповеда да не го напуштаат Ерусалим, туку да го чекаат слегувањето на Светиот Дух, тој ги изведе своите ученици во Витанија, ги благослови и се вознесе на небото.

Додека учениците гледаа во облакот што го сокри Господа пред нивните очи, ангелите им објавија дека истиот Исус кој од нив се вознесе на небото пак ќе дојде на ист начин како што го видоа да се вознесува.

Овој празник се нарекува Спасовден затоа што во денот на Христовото вознесение се доврши делото на спасението.

За католиците, пак, денеска е Св. Пашкал Бајлон.

Бил роден во 1540 година, во Шпанија. Покажувал голема побожност кон Исус и Марија. На ливадите во Божјата природа, го чувал семејното стадо овци. На 18-годишна возраст одлучал да живее редовнички живот. Се вработил како овчар кај еден богат човек кој сакал да го посини. Стапил во редот на фрањевците. Умрел во 1592 година.