Министерството за транспорт и врски реализира преку дваесетина проекти во комуналната сфера со вкупна вредност од околу 10 милиони евра. Од почетокот на мандатот покрај патиштата и гасификацијата, фокусот го ставивме и на изградба на канализации и водоводи сé со цел да го подобриме животот секаде каде што тоа треба да се направи, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната посета на Општина Струмица.
Министерот Сугарески заедно со градоначалникот на Општина Струмица Коста Јаневски, извршија увид во изградба на канализациониот систем во населените места Дабиле и Просениково.
-Вкупната инвестициона е околу 650 илјади евра. Се предвидува изградба на 16 километри канализациски систем, осум километри во Дабиле и осум километри во Просениково, со што решаваме еден крупен проблем за околу 3.000 жители во овие населени места. Очекувам до септември ова да биде завршено, проектот се реализира преку Министерството за транспорт и врски во соработка со општината. Ова е дел од вкупните капиталните проекти што ги реализираме во моментов. Во овој дел од државата инвестираме преку 100 милиони евра во капитални проекти, изјави министерот Сугарески.
Тој истакна дека во Струмица и Струмичко во тек е изградба на патот од Старо до Ново Коњарево, понатаму се реконструира патниот правец од Струмица до Ново Село, а до крај на месецов ЈП за државни патишта ќе отпочне со реконструкција на делницата од Василево до Добрејци.
-Оваа година согласно програмата на ЈПДП ќе се распише и јавен повик за изработка на проект за изградба на експресен пат од Струмица до границата со Бугарија, потенцираше министерот Сугарески.
Според градоналачникот Јаневски, ова е многу значаен проект за подобрување на животот на жителите во Дабиле и Просениково.
-Во непосредни средби со граѓаните, канализациските системи беа на прво место во нивите барања кои требаше да ги реализираме. Овој проект е резултат на добрата соработка меѓу општината и централната власт. Во Просениково веќе е завршена изградбата, овде во Дабиле останува да се доработат уште стотина метри, така на огромно задоволство на жителите ќе се реши долгогодишниот проблем. Останува заложбата на општината да дозиградби неколку краци и поврзување на домаќинствата, истакна Јаневски.
Тој најави дека Општина Струмица работи на уште неколку други комунални проекти во населените места во Струмица.