Почна реконструкцијата на регионалиот пат Пробиштип – Злетово.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески по денешниот увид во градежните работи на оваа делница најави дека во вториот квартал очекува сериозно интензивирање на изградбата на над 30 експресни и регионални патишта.
-Моите очекувања се дека во вториот, третиот и четвриот квартал ќе имаме сериозно зголемување на капиталните инвестиции во нашата земја. Во моментов се одвива реконструкција на повеќе патни правци, покрај изградбата на експресните патишта, се работи на патот Струмица-Ново Село, Маврово-Никифорово, потоа на транзитот Кавадарци, се работи на регионалниот пат, каде што денеска вршиме увид, а тоа е Пробиштип-Злетово. Очекуваме дека до крајот на овој месец и други патишта да се почнат со реконструкција, вели Сугарески.
Тој забележа дека годинава ќе биде навистина економска, како што најави и премиерот Заев, бидејќи до крајот на градежната сезона ќе се работи на изградбата на екпсресните и реконструкција на регионалните патни правци.
-Сакам да потенцирам дека имаме и интензивирање во делот на железницата, а посебно во делот на гасоводната мрежа, на сите лотови на кои се работи, а тоа и времените ситуации го покажуваат. Заклучно со вториот квартал очекуваме сериозно зголемување на капиталните инвестиции и се надевам дека до крајот на оваа година, а тоа е дека во голема мера ќе бидат реализирани, вели Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека се реконструираат над 17 километри од регионалниот пат Пробиштип-Злетово, од кои околу 30 отсто е завршена реконструкцијата.
-Очекувам и верувам дека до крајот на есента ова ќе биде завршено. Овој пат е стар повеќе од 50 години. Многу години се ветувало, но не се реконструирал, сега ние тоа го реализираме. Но, тоа е една целина, која прави еден круг, околу целиот овој регион, а се надоврзува и на реконструкцијата, што почнува од Крупиште до Пробиштип, што заедно прават 35 километри, вели Китанов.
Забележа дека до крајот на годината во Република Северна Македонија ќе има реконструирано над 600 километри регионални и магистрални патни правци. Што се однесува за изградбата на еспресниот пат Штип-Кочани, Китанов вели дека најголемиот проблем го имале со експропријацијата на земјиштето, а во моментов таа е завршена со 99 отсто.
Прашан дали откривањето на ранохристијанската базилика кај селото Жиганци на трасата Крупиште-Кочани ќе ја забави изградбата, Китанов рече дека ќе се направат консултации со институциите и дека оваа пречка ќе се реши.