Изградбата на патната, железничката, комуналната инфраструкура и гасификацијата се врвен приоритет на Владата, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешниот увид на реконструкцијата на патот Битола-Тополчани – Прилеп.

Министерот Сугарески потсети дека централната власт помага и инвестира во Пелагонискиот регион, каде се реализирани повеќе проекти и го најави новиот експресен пат од Битола до граничниот премин Меџитлија.

– Во тек се активности со кои се врши проектирање на експресниот пат од Битола до граничниот премин Меџитлија. Ова е период на сериозна динамика, на активности кои се составен дел на владината програма. Во меѓувреме завршивме шест проекти за водоводи, канализација, а нови се тендерираат за Битола и Крушево. Гасификацијата од Неготино до Битола е во завршна фаза и кракот до нова година ќе биде завршен, исто како и од Скопје до Гостивар. Во овој регион ќе бидат реализирани над 20 проекти и тоа за период од 6 месеци, доволно за да ги реализираме во целост, посочи Сугарески.

На прес-конференцијата во Битола, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов информираше дека низ државата се рехабилитираат патишта во вкупна должина од околу 100 километри, во кои е вклучен и патот Битола-Тополчани-Прилеп долг 15 километри, за што се обезбедени милион евра.

– Реконструкцијата на овој пат ќе заврши напролет, но за Пелагонискиот регион очекуваме до крајот на годината да биде тендериран и патниот правец од Битола до Меџитлија со што ќе се овозможат градежни активности во рана пролет. Во моментов во тек е и тендерот за звучни бариери кои ќе бидат поставени на обиколницата во Битола кај месноста Баир, а на Градежен факултет во Скопје се изработува документација за изградба на автопат Битола-Прилеп. Гледано генерално, тоа што рековме дека за една година ќе извршиме рехабилитација на 500 километри патишта се исполнува, или споредено со периодот од 2007-2016 година кога во државата вкупно биле рехабилитирани само 650 километри, ние успеавме за една година да рехабилитираме 500 километри патишта, рече Китанов.

Градоначалничките на општините Битола и Могила, Наташа Петровска и Јасмина Гулевска, исто така оценија декасо владиниот проект се подобруваат меѓуопштинските сообраќајни конекции.