Претседателот и член на Надзорниот одбор на СДСМ Горан Сугарески денеска објави дека поднесува оставка од оваа функција во партијата.
На својот фејсбук профил, Сугарески напиша дека ја поднесува оставката во знак на морална одговорност за неуспехот на локалните избори.
– Извршувањето високи партиски и државни функции, покрај другото подразбира и одговорност кон граѓаните и членовите на нашата партија. Во таа насока, оставката претставува мој придонес за што побрза консолидација на партијата и што поскоро враќање на победничките патеки. Упатувам благодарност на актуелното партиско раководство, како и на сите членови на партијата за укажаната можност да извршувам високи партиски функции, меѓу кои и последната, претседател и член на Надзорниот одбор. Јас сум социјалдемократ, секогаш тоа и ќе бидам. Останувам верен на партијата и се ставам на располагање за било каков понатамошен ангажман, наведува Сугарески.
Тој беше кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ за Прилеп, а претходно ги извршуваше функциите директор на Царина и министер за транспорт и врски.