Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува динамизирање на активностите за изградба на автопатот Кичево – Охрид, откако кинеската „Ексим банка“ ги извести надлежните институции дека ќе бидат исплатени резервираните 200 милиони евра од првиот кредит и 180 милиони од вториот кредит. Половина од автопатот, се планира да биде во функција наредната година.

– Известени сме дека се обезбедени средствата, во периодов треба да бидат достапни и сериозно да се динамизира процесот. Планираме наредната година да се обидеме 30-те километри од Охрид до Врбјани да ги оспособиме и да може да се вози по тој пат. Практично, повеќе од половина од автопатот да биде во функција, а другите согласно со рокот во 2021 година, рече Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на индустриската зона Визбегово.

Тој соопшти дека е при крај ревизијата на проектот за изградба на првите два километра од автопатот Скопје – Блаце по што Јавното претпријатие за државни патишта треба да распише тендер и да почнат градежни активности. Се работи и на проектирање за останатите 10,5 километри од автопатот што очекува да биде завршено наредната година.

– Последната  информација што ја имаме е дека завршува ревизијата на Градежен факултет. Доколку нема забелешки очекуваме Јавното претпријатие за државни патишта да ги тендерира првите два километра. Очекуваме тоа најбрзо да се случи, сме ветиле и апсолутно очекувам првите два километра да бидат почнати. За другите 10,5 километри се работи на проектот, очекуваме наредната година да биде завршено проектирањето за да може по завршување на овие два километри или паралелно со нив да се почне со останатиот дел, изјави Сугарески.

Министерот за транспорт информираше дека се уште траат работните состаноци за Предлог законот за урбанистичко планирање, за кој беа доставени 200 амандмани.

– Целта е да направиме закон што од една страна нема да го наруши стопанскиот развој, а од друга страна ќе имаме балансирана заштита на животната средина, зеленилата и друго. Очекувам уште на неколку работни состаноци амандманите ќе бидат разгледани, со цел во најбрз рок да биде донесе законот. Министерството прифати голем дел од забелешките што беа на ЕНЕР, но секогаш може подобро, да ги направиме консензуално со учество на сите политички партии, коморите и еколошките организации, рече Сугарески.

Анализите за приватизација на Македонски железници – Транспорт, како што рече, се уште се во тек и се очекува наесен да има првични информации за начинот и динамиката.