Настанот што се случи во Куманово, за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу РС Македонија и Република Романија, не е само спортски инцидент, стои во соопштението на ДУИ, во кое се изнесува говорот на Емир Сулејмани, член на Централното претседателство на ДУИ, што МИА го пренесува интегрално.

Тоа претставува ужасна манифестација на етничка омраза, толерирана од највисоките државни функционери кои беа присутни во салата: премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вицепремиерот Иван Стоилковиќ и други.

Наместо да слушаме навивања во духот на спортот и соживотот, слушнавме страшни повици како: „Добар шиптар е мртов шиптар“, „Гасна комора за шиптарите“, „Чиста Македонија“.

Ова се слогани што нè потсетуваат на најмрачните страници од европската историја и кои не смеат да се релативизираат, ниту да се оправдуваат како „навивачки прашања“, ниту да се покриваат со лицемерни изјави за „единство“, или со наводни објективни истраги што на крај завршуваат со награди – како во случајот со полицаецот што го сквернавеше националното знаме на Албанците во Куманово на 28 Ноември.

Најзагрижувачко е целосното институционално молчење и толеранција. Нема реакција од Кошаркарската федерација, од МВР, од организаторите, од Владата, ниту од било кој државен претставник присутен на таа трибина затруена со омраза.

ДУИ јасно го кажува својот став: нема да дозволиме Албанците – или било кој друг граѓанин – да бидат цел на фашистички повици во нивната државата!

Затоа, денеска бараме конкретна политичка одговорност: непосредна оставка од Асрит Исени, заменик-министер за внатрешни работи и оставка од Сафие Садики Шаини, заменик-министерка за спорт, поради нивната неспособност, молчење и пропуст да реагираат и да спречат сериозен напад врз достоинството на албанските граѓани и меѓуетничкиот соживот.

Истовремено, упатуваме апел до сите албански претставници во Владата:
• Јавно да се дистанцираат од овој срамен настан,
• Да бараат сериозни санкции на наредната владина седница, и
• Да се повлечат од Влада што не реагира, туку ја толерира и наградува омразата.

Зашто, да бидеме искрени:
Што вреди власта, кога ти ја навредуваат мајката?
Што вреди власта, кога ти го понижуваат знамето?
Што вреди власта, кога ти го газат народот и крвта?

Ако молчењето е цената за останување на власт – тогаш молчењето е предавство.

Ние нема да молчиме.

ДУИ ќе биде на чело на политичката, институционалната и граѓанската реакција, сè додека не дојде до правдата, одговорноста и казната за овој срамен настан.

Емир Сулејмани, член на Централното претседателство на ДУИ

Фото: Принтскрин