Британскиот премиер Риши Сунак денеска договорот што го постигна со Европската унија за трговските аранжмани за Северна Ирска го нарече „решителен чекор напред“ и многу конзервативни пратеници, вклучително и тие кои го поддржаа Брегзит, му дадоа благослов на договорот, објави синоќа Би-Би-Си.
Демократска партија на унионистите (ДУП) од Северна Ирска, чија поддршка е клучна за повторно воспоставување рамнотежата на власта во таа област на Велика Британија, рече дека договорот е „значаен напредок“, но дека „клучните прашања за загриженост“ остануваат.
Лидерот на партијата Џефри Доналдсон рече дека неговата партија ќе го проучи текстот на договорот пред да одлучи дали ќе го поддржи.
Таа партија го бојкотира учеството во власта на Северна Ирска додека не се решат споровите околу протоколот за Северна Ирска, а некои владејачки конзервативни пратеници рекоа дека ќе го поддржат договорот само ако ја добие поддршката од Демократска партија на унионистите.
Шин Фејн, најголемата партија во Парламентот на Северна Ирска, го поздрави договорот, но рече дека ќе ги проучи неговите детали.
Заменик-претседателот на Шин Фејн, Мишел О’Нил го повтори својот повик Демократска партија на унионистите да се врати на власт во Северна Ирска.
„Отсекогаш сум говорела дека со прагматичен пристап можеме да најдеме решение“, додаде О’Нил.