Британскиот премиер Риши Сунак ќе биде домаќин на европските лидери на состанокот на Европската политичка заедница во палатата Бленхајм во близина на Оксфорд на 18 јули, соопшти денеска британската Влада.
– Драго ми е што Обединетото Кралство ќе биде домаќин на следниот состанок на Европската политичка заедница во историската палата Бленхајм, рече Сунак во изјавата, мислејќи на родното место и генерацискиот дом на предците на поранешниот премиер Винстон Черчил.
Најавените теми на состаноците се сè „од давање целосна поддршка на Украина до запирање на злото на шверцување луѓе и илегална миграција“, сето тоа „под водство на Велика Британија“.
– Состанокот ќе ги собере нашите европски пријатели, партнери и соседи со цел да се справиме со заедничките предизвици, нагласи Сунак во соопштението за печат.
Европската политичка заедница е создадена на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон како форма на соработка меѓу земјите од ЕУ и другите европски земји.
Фото: ЕПА архива