Сурогат мајчинството само по себе носи безброј дилеми. Не се изработени доволно репрезентативни студии со цел во погoлема мера да се откријат недостатоците и придобивките од самиот процес. Психологијата вели постојат недостатоци, како кај детето добиено на таков начин, така и кај жената што го родила, па и кај мајката, но постои начин да се надоместат.

Од правен аспект постојат многу „дупки“ во законот што мора да се решат со цел да не се продлабочува комплексноста на проблемот. Етиката го разгледува прашањето за сурогат мајчинството од повеќе аспекти, се до тоа „што доколку мајката се замени со инкубатор“.

Нема гаранции за ништо во животот, нема гаранции за ништо и во психологијата

– Една од порепрезентативните студии, извршена од страна на позната група автори од „Кембриџ“, следи деца на триесет семејства, кои добиле дете од сурогат мајка. На неколку пресечни точки кога децата имаат три, седум и десет години она што е генерално заклучено е дека, во споредба со онаа редовна популација, како што ја нарекуваме, тие имаат до извесен степен проблем да се прилагодат, нагласи проф. д-р Ана Фрицханд.

Таа наведе дека со истражувањето е заклучено дека  многу е полесно условно земено, за дете да прифати дека родителите со кои живее не се негови биолошки родители отколку да се справи со информацијата дека го носела жена девет месеци која не му е ништо и дека сега живее со мајка и татко, кои може не се негови биолошки родители.

– Проблематично може да биде и тоа што може да дојде до појава на форми на асоцијално, антисоцијално однесување, посебно на пример во период што знае да биде проблематичен како адолесенцијата, бидејќи тогаш и адолесцентот природно се бара себеси по сите норми, развојни правила и прописи, нагласи Фрицханд.

Таа посочи дека исто така може да биде сложено и тоа што, ако се земе теоретски, тоа дете кое е родено на таков начин, условно земено може да има дури и шестмина родители.

Закон за биомедицинско потпомогнато оплодување, со што се регулира сурогат мајчинството, е прелиберален

– Има неколку спорни моменти во однос на регулирањето на сурогат мајчинството во нашето законодавство, односно во нашиот закон за биомедицинско потпомогнато оплодување. Според мене, прво и најспорно е што сурогат мајчинството се предвидува само за брачни парови и тоа е спорно бидејќи во сите други сегменти од законот за биомедицинско потпомогнато оплодување постапката за биомедицинско потпомогнато оплодување можат да ја користат не само брачни двојки туку и вонбрачни двојки, па дури и сами жени, посочи проф. д-р Дејан Мицковиќ.

Тој истакна дека тоа значи оти кај сурогат мајчинството без некоја сериозна и оправдана причина се предвидува дека можат да се јават само брачни двојки, а со тоа, како што нагласи Мицковиќ, може да се каже дека станува збор за некаков вид на дискриминација.

– Исто така многу е спорно тоа што во Република Македонија се предвидува можноста не само да се користат донирани репродуктивни клетки, туку може да се користат и донирани ембриони. Како резултат на тоа законско решение имаме една уникатна ситуација која не е присутна во другите законодавства. Двојката која склучува договор со сурогат мајка може да нема никаква генетска врска со бебето, објасни Мицковиќ.

Тој констатираше дека е спорно и тоа што според законот е предвидено сурогат мајката веднаш по раѓањето на детето да го даде на родителите и тие се запишуваат во матичната книга како родители на детето, како и тоа што не постои ограничувања во однос на тоа која жена може да се јави како сурогат мајка, па тоа може да биде и блиска роднина, со што се доведува до пореметување на самите семејни односи.

– Во Македонија немаме доволен број емпириски искуства како ќе функционира сурогат мајчинството бидејќи нема доволен број случаи. Законот е релативно нов меѓутоа ми се чини дека некои работи треба да претрпат измени со цел законот да биде соодветен на потребите и да ги штити интересите на сите инволвирани, заклучи Мицковиќ.

Морална инвазија во човековата репродукција

– Дали имате доволно човечки „пар екселанс“ елементи во себе да знаете кој сте, што сте, и дали го знаете патот на изградба од човечко суштество до личност за да носите издржани исправни добри морални одлуки? Од друга страна дали ги имате сите доволно добри правни регулативи за почитување на тој договор заштоа што се работи и за инволвирање и на трета страна, запраша проф. д-р Дејан Донев, во однос на проблематиката на сурогат мајчинството.

Тој заклучи дека во годините кои доаѓаат многу значајно ќе биде прашањето „што доколку мајката се замени со инкубатор“.

– Етиката не е готова рецептологија. Не дека ќе дојдеме до финално решение кое ќе биде пред се универзално прифатливо за сите и не дека и воопшто би дошле до некакво посериозно, во дадени околности, решение бидејќи се работи за прашање за кое треба да се размислува и секогаш треба нови решенија во однос на значењето на човековата личност, истакна Донев, во однос на значењето на процесот на сурогат мајчинството.

Европската Унија веќе почнува да говори дека со развојот на медицината во скоро време мајката ќе биде заменета со инкубатор. Дека целиот процес ќе се изведува во епрувета, а потоа во инкубатот. Со тоа се отвораат бројни дилеми. Самата човекова репродукција. Улогата на мајката во процесот на раѓање, па и во севкупниот живот на дететот. Третирањето на детето, во таков случај, како предмет. Со што се поставува прашањето – Ако човечкиот факор не е потребен зошто на човекот му е потребен човек?

Симона Митровска  МИА