Четворицата полицајци кои го правеле спроводот на бегалецот од Идризово и командирот кој ја издал наредбата се суспендирани од работа, потврдуваат од Министерство за правда за телевиизија Канал 5.

Предистрагата за бегството на 36-годишниот Беким Мемети, осуден на над 20 години затворска казна за убиство и дрога, ја води полициското одделение во Обвинителството за гонење организиран криминал, предводено од обвинителката Лиле Стефанова.

Неофицијалните најави се дека по распитот тие ќе бидат спроведени и пред судија на претходна постапка, а за нив ќе се бара притвор, поради сомнеж дека биле инволвирани во планот за бегството.

Затвореникот ноќеска пред поноќ, додека го носеле во болница, пукал во затворски полицаец, го ранил и побегнал со друго возило. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, синоќа во 23:20 часот четворица вработени во Затворската полиција кои биле со комбе „форд транзит” побарале помош од полициски службеници од СВР Скопје.