Денеска е 14 ноември по стар стил и се слави Св. апостол Филип)

Еден од дванаесетте апостоли. Роден е во Витсаида крај езерото Галилејско, како Петар и Андреј.

Од малечок научен на Светото Писмо, Филип веднаш се одѕва на повикот на Господ Исус и тргна по Него (Јован 1, 43). После слегувањето на Светиот Дух, Филип ревносно го проповедаше Евангелието во многу краишта на Азија и Грција. Во Грција, Евреите сакаа да го убијат, но со Своите моќни чуда Господ го спаси.

Така, еврејскиот првосвештеник којшто се устреми да го бие одеднаш ослепе и сиот поцрне. И имаше силен земјотрес и земјата се отвори и ги проголта злобните гонители на Филип. И многу други чуда се случија, особено исцеленија на болни, заради што мнозина незнабошци поверуваа во Христа.

Во Фригискиот град Јерапол, свети Филип се најде на заедничка работа со свети Јован Богослов, со својата сестра Маријамна и апостолот Вартоломеј. Таму имаше некоја опасна змија, којашто незнабошците грижливо ја хранеа и ѝ се поклонуваа како на Бог. Божјите апостоли со молитва ја умртвија оваа змија.

Со тоа врз себе го навлекоа гневот на помрачените луѓе. Озлобените незнабошци го фатија Филип и го распнаа на дрво главечки, потоа го распнаа и Вартоломеј. Тогаш, земјата се отвори и го проголта судијата и мнозина други со него. Во голем страв, луѓето притрчаа да ги симнат апостолите. Но, успеаја да го симнат жив само Вартоломеј, Филип веќе беше издивнал.

На крстените, Вартоломеј им го постави за епископ Стахиј, когошто претходно тој и Филип го исцелија од слепило и го крстија. Стахиј беше слеп четириесет години.

Подоцна, моштите на свети Филип беа пренесени во Рим. Овој прекрасен апостол пострада во 86 година, во времето на царот Дометијан.