Денеска е 20 септември (по стар стил) и се слави Светиот великомаченик Евстатиј Плакида.
Голем римски војсководец од времето на царевите Тит и Трајан. Иако незнабожец, Плакида (тоа е неговото незнабожечко име) беше човек праведен и милостив, сличен на капетанот Корнилиј, кого го крсти апостолот Петар (Дела 10).
Еднаш, одејќи во лов, тој подгони еден елен. По Божја Промисла, меѓу роговите на еленот се јави светол крст и дојде глас Господов до Плакида што го упати да отиде кај христинјанскиот свештеник и да се крсти. Се крсти Плакида и неговата жена и нивните два синa.
На Крштението тој го доби името Евстатиј, жена му – Теопистија, што значи боговерна, а нивните синови – Агапиј и Теопист. По Крштението, Евстатиј отиде на истото она место каде преку еленот му се беше јавило откровението и клекна да Му се заблагодари на Бога што го приведе кон познанието на Вистината.
Во тој миг повторно му се јави глас Господов и му претскажа страдање за Неговото име и го укрепи. Тогаш Евстатиј тајно го напушти Рим заедно со своето семејство со намера да се повлече меѓу простиот народ и оттаму во тајност да Му послужи на Бога.
Кога пристигна во Египет, веднаш навалија на него искушенија. Некој зол варварин му ја грабна жената, а обата сина му ги фатија ѕверовите и ги однесоа. Но, набрзо варваринот загина, а овчари му ги спасија децата од ѕверовите.
Евстатиј се насели во египетското село Вадисис и како селски наемник поживеа таму петнаесет години. Потоа нападнаа на римското царство варварите и цар Трајан жалеше што го нема храбриот војвода Плакида, којшто секогаш кога војуваше му носеше победа.
И испрати царот двајца од своите офицери да го бараат големиот војвода низ целото царство. По Божја Промисла, тие офицери, некогашни другари на Евстатиј, дојдоа во селото Вадисис, го најдоа Евстатиј и го одведоа пред царот. Евстатиј собра војска и ги победи варварите. На патот назад кон Рим ја пронајде жена си и двајцата синови.
Кога стигна во Рим, царот Трајан беше умрел, а на престолот беше Адријан. Кога царот Адријан го повика војводата Евстатиј за заедно да им принесат жртви на идолите, Евстатиј му кажа дека тој е христијанин.
Царот го фрли на маки заедно со жената и со синовите. Но, бидејќи ѕверовите не им наштетија нималку, ги фрлија во усвитен метален вол. Третиот ден ги извадија нивните тела мртви, но неповредени.
Така, овој славен војвода го даде и царевото на царот и Божјото на Бога и се пресели во вечното царство на Господа.