За свети Климент Охридски, првиот словенски епископ, творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, автор на кириличната азбука, духовник, просветлител, учител, речиси и да немаме конкретни биографски податоци. Не се знае кога е роден, каде се школувал, кои се неговите родители и друго. Сѐ што се дознава за него е од неговите житија.
– Св. Климент Охридски е еден од знаменитите ученици и соработници на словенските просветители светите Кирил и Методиј. Основни податоци за неговиот живот се црпат од неговите житија: Пространото житие на грчки јазик од охридскиот архиепископ Теофилакт Охридски од крајот на шеснаесеттиот век и Краткото житие од охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан од почетокот на тинаесеттиот век. Драгоцени се и словенските житија за св. Наум Охридски. Врз основа на овие и на други извори се реконструира животниот пат на св. Климент Охридски. Некои прашања сѐ уште се недоволно разјаснети. Такви се: прашањето за неговото место на раѓање, точната година на раѓањето, пишува доц. д- р Виолета Мартиновска во нејзината книга посветена на овој светец.
Таа во нејзиното дело го загатнува и прашањето дали свети Климент и свети Наум биле родени браќа. Некои неучници сметаат дека тие биле родени браќа, а други дека биле само духовни браќа.
– Според Пространото житие на Св. Климент од архиепископот Теофилакт се дознава дека солунските браќа светите Кирил и Методиј, имале покрај себе надарени ученици на кои им го пренесувале знаењето. Според овој извор, светите Климент и Наум одат во Рим каде што ги ракоположил Адријан заедно со други ѓакони и свештеници. Конкретно се спомнува Климент како придружник на солунските браќа. На ова патување во Рим, Кирил го завршил својот животен пат. Според житието, се следи патувањето на Методиј во Моравија и во Пелагонија, кај Ростислав и Коцељ и неговите страдања заради одбрана на словенската богослужба и вера. По смртта на Методиј (885), на чело застануваат Климент и Горазд. Но, латинското свештенство жестоко се борело против нив и успеало да ги изгони од земјата, пишува професорката Мартиновска.
За да се заштитат од нови искушенија, кирилометодиевите ученици се разделиле на повеќе групи и заминале на различни страни.
– Климент, заедно со Наум и Ангелариј, пристигнуваат до Дунав и минувајќи го со сплав пристигнуваат во Белград. Таму биле срдечно примени од заповедникот на градот кој ги испратил кај бугарскиот кнез Борис во Преслав. И кај него биле примени со почести, бидејќи на кнезот му биле потребни такви образовани и духовни личности. По извесен период Климент бил испратен во областа Кутмичевица како учител. Кензот му подарил три куќи во Девол и места за одмор околу Охрид и Главиница. Топомините Охрид, Девол и Главиница упатуваат на тромеѓата меѓу Македонија, Грција и Албанија, објаснува таа.

Доц. д-р Мартиновска вели дека постојат неколку претпоставки за причината поради која Климент е испратен за учител во Кутмичевица. Според една од нив, Климентовото испраќање во Кутмичевица се должи на неговата христијанска, проповедничка и учителска ревност. Според друга претпоставка, Климент доследно и лојално го почитувал заветот на своите учители, доследно ја распространува глаголицата, а не кирилицата која била распространета во бугарската држава. Според трета претпоставка, копнежот по родниот крај бил главниот мотив за неговото доаѓање во Кутмичевица, бидејќи од млади години тргнал со своите учители кај Хазарите и во Моравија.

– Во Кутмичевица Климент развил мошне успешна образовна и просветителска дејност. Образовал над три илјади и петстотини ученици кои ја совладале писменоста. Некои од нив биле и книжевни творци, автори, препишувачи, претставувајќи ја познатата Охридска книжевна школа и Првиот словенски универзитет. Еден дел од учениците св. Климент ги одредил за чтци, ѓакони, свештеници. На тој начин се организирала црковната дејност и биле исполнети потребите за богослужбата, објаснува професорката Мартиновска.
По смртта на кнезот Борис, го наследил неговиот син Владимир. Но, по кратко време, на соборот од 893 година, за цар бил прогласен Симеон.
– Почитувајќи ги заслугите и квалитетите кои ги поседувал св. Климент, Симеон го назначил за епископ во Дрембица и Велика во 893 година. На неговото учителско место дошол св. Наум. Во Кутмичевица престојувал триесет години, прво како учител (886- 893), а потоа и како прв епископ на јужните Словени (893- 916).
Активноста на св. Климент била разнострана. Освен ангажирањето на полето на образованието и просветата, тој ревносно се ангажирал на полето на ширењето на црковната дејност и го помагал нродот духовно и материјално.
Според сведочењето на архиепископот Теофилакт тој бил „татко на сиромасите и заштитник на вдовиците“.
– Св. Климент изградил и неколку цркви во својата епископија. Манастирот Св. Пантелејмон го изградил уште пред да стане епископ. Изморен од сите активности св. Климент се обидувал да се ослободи од епископската должност, но царот Симеон не го дозволил тоа. Пред смртта го превел Цветниот триод од грчки на словенски јазик. Го распоредил и својот имот: еден дел и оставил на епископијата, а другиот дел на својот манастир, вели професорката Мартиновска.
Починал на 27 јули 916 година, според стар стил. Бил погребан во неговиот манастир „од десната страна во предниот дел од храмот“. Според археолошките ископувања гробот на св. Климент бил во манастирот св. Пантелејмон (стар Св. Климент), на местото Имарет. Според народното предание неговите посмртни останки биле пренесени во црквата Св. Богородица Перивлепта, кога манастирот бил претворен во џамија. За кратко време тој бил канонизиран.
И по 1100 години од неговото упокојување, неговиот животен пат и проучувањето на неговото книжевно творештво останува голем предизвик за многу научници.
А за Црквата, неговата големина ја доловува еден од неговите непознати ученици во Службата составена веднаш по неговата смрт, во негов спомен: „Очистувајќи си ги душата и телото и умот, блажен… имајќи на земјата ангелски живот, ти, блажен, придоби чест рамна на ангелите. Заедно со нив сега стоиш пред Владетелот. Помоли се, блажен, за своето стадо“.