Поради големиот интерес кој владее за посета на летниот камп по веронаука, што се одржува во Бигорскиот манастир и неговиот метох, манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, ќе биде одржана уште една смена.

На почеток беа планирани осум, но поради интересот кај децата ќе има уште една, деветта смена, која почнува во понеделник, а манастирски гости ќе бидат деца од Струга.

-Во рамки на осмата смена на наше големо задоволство, гости во нашиот манастир посветен на Светиот Георгиј Победоносец, беа дваесетина девојчиња од Кичево, Битола, Скопје и Гевгелија. Насмевките со кои постојано зрачеа, беспрекорното послушание и трудољубие, ни беа силно сведоштво дека престојот овде за нив е многу важен и остава неизбришлива трага во нивните животи, вели сестра Ефимија.

Додава дека голема е радоста кога ќе се сретнат млади личности што се трудат да ги усвојат благодарноста, послушаноста, трпеливоста, љубовта, икреноста, простувањето, доблести, кои ги красат нивните прекрасни души и го засилуваат толку потребниот духовен имунитет.

До сега, во осумте смени во двата познати манастири престојуваа над 300 деца од повеќе градови од нашата земја.