Утре, на последниот ден од септември, православните христијани ги празнуваат светите маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија.
Четирите светици уживаат голем култ и голема почит кај македонскиот народ. На утрешниот ден се празнува споменот на познатата Римјанка Софија, која своите ќерки ги воспитала да имаат вера во себеси и во Бога, да имаат надеж во неговата добрина и љубов кон ближните и кон Севишниот.
Кај нашиот народ е познато заколнувањето во вера, надеж и љубов. Четирите светици биле личности за кои христијанството тврди дека постоеле и во чија слава го одбележуваме утрешниот празник.
Светите маченици Вера, Нада и Љубов живееле во Рим во време на царот Адријан, кој наредил нивно мачење, а потоа им изрекол и смртна казна.
Тие трите уште како деца биле обвинети поради тоа што проповедале христијанство. Вера тогаш имала само 12 година, Нада 10, а Љубов 8 години. Мачителите по тој редослед најпрво ги мачеле, а потоа и убиле една по една.
По наредба на царот, Вера, Нада и Љубов најпрво се тепани, потоа фрлени во врела смола, а на крај им се сечени делови од телата пред да се фрлат во оган.
Преданијата велат дека нивната мајка Софија, три дена на гробот на нејзините ќерки го молела Бог да ја земе. Бог после третиот ден ја земал и ја однел во рајот кај нејзините деца.
Овој празник е посветен на жените и нивните деца, првенствено на ќерките. Се верува дека утре девојчињата треба да се израдуваат со некој подарок, колку и скромен да е тој. Подарокот може да биде и нематеријален, барем посветете им го целото внимание и покажете им колку ги сакате.