Обвинетиот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 77-годишниот Панче Жежовски, Влатко Кешишев ги однел полицајците до местото каде што била закопана убиената Вања Ѓорчевска, сведочеше помошник началникот на СВР Скопје за криминалистички работи Музафер Каришиќ на денешното рочиште.

– Влатко Кешишев го пронајдеовме преку „рено кангу“ и разговаравме со него. Во чуден сплет на околности самиот почна да зборува дека е лош човек, дека е нечовек, наговестуваше нешто. Во еден момент рече дека ќе ме однесе мене на едно место, да ми покаже нешто, бараше да одиме сами не сакаше да одиме со другите началници, сакаше јас и тој сами, ми рече „ако дознае Палчо, ќе ме убие“. Тоа беше во полициската станица Кисела Вода. Тргнавме, нѐ однесе до запалениот „цитроен“. Се предомислуваше дали да каже, дали не. Па во еден момент рече „ајде ќе ве однесам, има еден црн пат“. Возевме по негови насоки, се качивме едно 200-300 метри, рече „излезете“. Тоа беше еден широк простор. Сакаше да каже, па рече, „не можам, не можам“, па пак тргна накај возилото, па сакаше само со мене да разговара, па рече „ајде, нека биде“, и со главата ми посочи кон расфрлени перници и душеци. Дури и со рака не сакаше да покаже, покажуваше со главата кон перниците. Велеше „јас стоев на страна“. Ги тргнавме перниците, тој рече „тука е девојчето кое го барате“. Откопувавме додека не ѝ се видоа носот, веѓата и едната нога и престанавме. Прашавме кој, рече „Палчо, ја земаа и тука ја фрлија, а јас бев на страна“. За Боре дознавме исто од Кешишев, тој рече „Боре каратисот“ беше во „цитроенот“ – сведочеше помошникот началник Каришиќ.