Гоце Трајковски, кој беше осомничен за подметнување пожар во кафуле во Кисела Вода и истовремено сведок во истрагата за киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска, сам се предаде на полицијата. Според информации до кои дојде Плусинфо, тој се појавил во полициската станица во Кисела Вода, откако по него беше распишана потерница.
Инаку, како што е познато, Трајковски, кој активно соработувал со таткото на Вања во обидите да ја пронајдат, беше важен сведок во процесот. Тие заедно собирале докази и прегледувале видео-снимки, но не се појави на судењето закажано за 15 ноември. Неговата мајка, Кираца Трајковска, тогаш изјави дека здравствени проблеми го спречиле да сведочи.
Меѓутоа, Обвинителството подоцна потврди дека Трајковски има статус и на осомничен во случајот со подметнувањето пожар. Според нивните податоци, на 13 ноември, тој со уште три лица запалил кафуле кое било лоцирано во станбена зграда во Кисела Вода. Истражните органи продолжуваат да работат на случајот.
Пред три дена во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, за кои се обвинети Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Ванчо Кешишев како директни извршители, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.
Судењето за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски продолжува во понеделник на 27 јануари.