Средниот од трите стари камени гробови во дворот на црквата „Свети Петар и Павле“ во мијачкото село Тресонче се верува дека е вечното почивалиште на Димитар Крстев, попознат како Дичо Зограф (1819-1872)

Пишува: Блаже Миневски

Големиот македонски црковен сликар Дичо Зограф, роден во село Тресонче во 1817 година, автор на повеќе од 2000 икони, почива во своето родно место но неговиот гроб се уште не е точно лоциран и обележан, иако има сведоштва што можат да помогнат во утврдување на локацијата. Станува збор за најголемиот црковен сликар на Балканот во 19 век, кој работел во најрепрезентативните цркви и манастири во тоа време. Бројни високи духовни достоинственици, црковни одбори и најугледни македонски семејства од 19 век, меѓу кои е, на пример, Григор Прличев, но и семејството Робевци, кое нарачало фрески како украс на нивната куќа, биле негови муштерии.

Сепак, за жал, како што се уште не се знае неговиот грoб, не се знае ни каде се однесени голем број икони на овој мајстор фрескосликарството, иконописот и дрворезот. Притоа оние што преостанале и денес речиси секојдневно исчезнуваат од  црквите и манастирите каде што биле создадени и сместени. Меѓудругото, седум негови вредни икони, меѓу кои и големата икона на Богородица од иконостасот од 19 век, пред извесно време беа украдени од црквата „Воведение на Пресвета Богородица-Света Пречиста“ во дебарското село Долно Мелничани. Заедно со скапоцените икони на Дичо Зограф, беа однесени  и две целивни икони, но и царевите двери. Според изборот на украдените дела може да се заклучи дека криминалците добро знаат што „оди“ на пазарот. Секоја икона на Дичо Зограф на црниот пазар се продава по цена од неколку илјади до неколку десетици илјади евра!

Каде одат скапоцените икони украдени во Македонија? 

Во таквите икони влегуваат и седумте икони украдени од црквата во Тресонче, дела на овој мајстор, што значи дека етапно се трага по негови икони, односно систематски се краде творештвото на Дичо Зограф, нашиот најголемиот црковен сликар од 19 век. Според извештаите од полиција, ваквите кражби се одвиваат во одредени временски интервали, веројатно во зависност од побарувачката, а последната голема кражба се случи пред неколку година кога од црквата „Св. Петар и Павле“ во мијачкото село Тресонче, родното место на Дичо Зограф, беа украдени 32 икони!

Притоа, од  нив,  пет беа престолни икони, 23 празнични, една плаштеница и три целивни икони. Според податоците што беа објавени по кражбата, престолните икони се големи по еден метар. Бидејќи се украдени пет такви икони со потписот на Дичо Зограф, а станува збор за  огромни икони што чинат десетици илјади евра, веројатно биле потребни најмалку две возила со кои крадците го однеле  пленот од црквата.  А  жител на Тресонче една година пред тоа, како што беше објавено,  веќе имал пријавено обид за провала во истата црква, во црквата „Свети Петар и Павле“. Тогаш, во обидот да се однесат иконите на Дичо Зограф, бил разбиен катанецот на влезната врата, но провалниците не успеале да влезат во храмот.

Во меѓувреме, според она што официјално беше објавено, албанската полиција успеа да открие канал за трговија со украдени икони, а меѓу нив, како што беше утврдено, и дваесетината македонски икони, што беа пронајдени кај уапсените. Првичните проценки потврдија дека иконите се однесени од црквите во Радожда, Буринец и Селце во струшкиот регион, односно селата Ѓавато и Перово од Битолско. Меѓу идентификуваните икони има и две икони изработени од  големиот Дичо Зограф, можеби токму оние што се украдени од Тресонче, заедно со царските двери, кои претходно биле исечени од криминалците, а потоа составени од страна на албански историчари на уметност. Во истата акција на албанската полиција биле запленети 1.077 икони, артефакти, бронзени и други предмети, кои потекнуваат од средниот век а допрва треба да се утврди што од  од украдени арте-факти, икони и други предмети е од Македонија. Досега во таа збирка во Албанија наши експерти имаат идентификувано 20 вредни предмети  однесени од Македонија, а во текот на истрагата е утврдено и дека најмалку 40 икони веќе биле продадени во Италија.

Меѓу нив и осум стари, многу вредни икони кои биле продадени во Швајцарија, и, за секоја од нив, криминалците имаат добиено по 10.000 евра.

Зошто иконите на Дичо Зограф имаат голема вредност меѓу трговците на црно? Според експертите од оваа област, Дичо Зограф, кој бил современик на Миладиновци, Прличев, Жинзифов и другите преродбеници, совршено ја познава средновековната книжевност, а во своите дела сакал да го слика Свети Климент Охридски, Наум Охридски, Теофилакт Охридски.

Од друга страна, неговите дела биле многу барани и затоа што бил конзервативен зограф кој ги следел сите уметнички тенденции од поствизантискиот период, а истовремено бил резервиран кон се она што е ново, посебно кон барокната уметност што доаѓа од западните земји. Фрапанстнопе тоа што од околу 2000 икони што ги насликал во животот, во изминативе години, за помалку од една деценија, според некои проценки, се украдени дури 600 икони од Дичо Зограф! Притоа Албанија е центарот каде се собираат украдените икони, а потоа се продаваат на тајни аукции во западна Европа, завршувајќи во приватни колекции низ светот. А македонските икони, оние што  се уште некако останале во црквите, и натаму се на удар на крадците.

Три претпоставки за гробот на Дичо Зограф?

Според истражувањето на Мирко Миронски, кој исто така потекнува од селото Тресонче, Дичо (Димитар) Крстев, или Дичо Зограф е роден 1817 година а зографисувал во своето родно село, во Лазарополе, но и во Скопје, Охрид, Куманово, Врање, како и во манастирот Св. Прохор Пчински, сега во Србија, во  Св. Јован Рилски во Бугарија но и во нашиот Свети Јован Бигорски. Иако се пртетпоставува дека  во својата зографска кариера насликал околу 2000 икони досега се пронајдени и запишани повеќе од 1500 негови трудови како што се престолни икони, празнични икони, апостолски икони и икони за целивање.

Стручњаците имаат пресметано дека своите трудови вообичаено ги завршувал за  пет дена или со просечна брзина од шест икони месечно. Притоа, сите мајстори-зографи, значи и Дичо Зограф, имале свои тајфи, а речиси секоја тајфа имала своја книга – ерменија, во која биле утврдени сите стандарди за работа. Во тајфите имало резбар, копаничар, зограф и ѕидар. Мијачките зографи работеле во тајфи со „баш мајстор устабашија“ на чело на тајфата. Според сведоштвата што ги собрал Миронски во  својата книга за Дичо Зограф, најголемиот црковен сликар на Балканот во 19 век починал во 1873 година на педесет и шестгпдипна возраст и бил погребан на гробиштата во Тресонче.

Всушност, најпрво би погребан во маалските гробишта на Лековци, под костенот, но, кога биле направени заедничките селски гробишта, неговите мошти  биле пренесени, според едни, во црквичето „Свети Николче“, а според други во посебен гроб до реката, во новите гробишта. Во некои сеќавања на мештаните е забележано дека во гробиштата кај реката, кога го погребувале Аврам, синот на Дичо, имало стар крст на гробот со издлабена 1873 година, значи годината на смртта на Дичо Зограф.

По закопот на неговиот син Аврам на гробот бил поставен дрвен крст, кој подоцна изгледа изгнил, а со него се загубила и трагата на гробот на Дичо Зограф. Постои и трета варијанта за тоа каде би можел да биде гробот на Дичо Зограф а тоа е дека тој е погребан кај црквата “Свети Петар и Павле’’ во Тресонче, која е заградена со голем ѕид од сите страни и има две големи порти. Како што било обичај, црковни лица биле погребувани во кругот на црквата од тоа од левата страна на центрланиот влез, но, со оглед на тоа што не бил диуховно лице, Дичо Зограф не можел да биде погребан кај дотогашните свети лица од левата страна на црквата па затоа учителот Мино и попот Мртин се заложиле тој сепак да биде погребан во кругот на црквата и тоа веднаш зад олатарот.

Според кажувања на најстарите жители на Тресонче, запишани од  Миронски, освен  за гробот, кој допрва треба да се лоцира, мошне интересно е и сведоштвото за сината боја кој била основа боја на сите зографисувања на Дичо Зоград, односно на неговиот син Аврам. А како ја правиле сината боја, останало тајна, нема никакво сведоштво за тоа. Едно е сигурно дека ниту една боја од нивните икони и фрески никогаш не го загубила својот сјај, ниту боите загубиле од својата колоритност.

Во секој случај,  големиот македонски црковен сликар Дичо Зограф, автор на повеќе од 2000 икони, почива во своето родно село Тресонче и, за разлика од  неговите дела,  неговиот гроб се уште е во Македонија. Патем, ако бројни високи духовни достоинственици, црковни одбори и најугледни македонски семејства од 19 век, меѓу кои е, на пример, големиот Григор Прличев, но и семејството Робевци, кое нарачало фрески како украс на нивната куќа, биле негови муштерии, сегашните Македонци може да бидат барем почитувачи на најголемиот црковен сликар на Балканот во 19 век. Притоа, ако се среди неговото вечно почивалиште, тогаш тоа може да стане македонско духовно огниште, свето место на македонското фрескосликарство, иконопис и дрворез.

Во семејството на Дичо Зограф:

Кој ќе се напиел вода за време на јадењето, морал да стане од масата!

Во семејство на Дичо Зограф од Тресонче сите спиеле на кревети а кога јаделе сите седнувале на маса и домаќинката секому ставала од зготвеното јадење во посебни чинии. Никој не смеел да јаде со туѓа лажица или вилушка, и никој не смеел да почне додека не почне најнапред домаќинката а потоа и сите други на масата по старост. Пред секого имало чаша со вода. Кога ќе завршеле со јадењето секој ќе си ја изпиел својата чаша со вода и со тоа завршувало јадењето.

Ако некој за време на јадењето се напиел вода, морал веднаш да стане! Постоело правило што било прифатено без поговор, а тоа е дека ако некој се напие вода, значи дека завршил со јадењето. Освен кујна по европски урнек, во Дичовската куќа бил изграден и санитарен јазол, според тогашните европски стандарди. Синот на Дичо Зограф, Аврам, кој исто така се бавел со зографисување како својот татко, бил роден во 1840 година а починал во 1923 година, кога бил погребан во семејниот гроб, каде што бил погребан и неговиот татко. Внукот на Дичо Зограф, син на Аврам, Крсте Аврамов, го учел занаетот од својот татко до 1890 година а потоа почнал да работи самостојно.  Постојат многу негови работи на кои се потпишувал „Из руку Крсто Аврамов Дебралиа с. Тресонче“.