Во јули 1944 година како српски комунист, член на српската комунистичка партија, активистот Видоје Смилевиќ е упатен во Македонија за да се вклучи во македонското движење и да учествува на Првото заседание на АСНОМ. Во Македонија никој не знаел  кој е  човекот испратен од Србија, кој подоцна стана Видое Смилевски-Бато. Во биографијата стоело само дека потекнува од  село Никифорово,  а се преселил во Белград за време на Првата светска војна. Кој инсистирал и како се случило тој да стане член на АСНОМ на заседанието во  „Прохор Пчински“, и покрај тоа што сите активни македонски дејци, со исклучок на Страхил Гигов, остро се спротивставиле на тоа?

Пишува: Блаже Миневски

 „МАКЕДОНЕЦ ЛИ Е, ЗНАЕ ЛИ МАКЕДОНСКИ?“

Според сведоштво Киро Глигоров, кој бил присутен на настанот кога, веднаш по доаѓањето на овој триесетгодишен Македонец од гостиварско, кој не знаел македонски јазик, во село Рамно, Скопска Црна Гора, на една седница на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, дошло до конфликт меѓу Ченто и Темпо токму поради него:

„Ченто ја започна седницата со зборовите: ’Сега градиме македонска држава и ќе ја изградиме’, а потоа постави реторичко прашање: ’А како ќе се вика таа држава?’, и одговори: ’Разбира се – Македонија. Дали некој има подруго мислење?’

Сите одобруваа. Потоа го постави прашањето како ќе се вика телото што раководи наместо АСНОМ меѓу неговите заседанија, а кое има надлежности на привремен парламент и влада… Имаше разни предлози, но се усвои предлогот на Владо Полежина, правник од Кичево, ова тело да се вика Президиум, значи Президиум на АСНОМ, нешто како претседателство… Потоа на дневен ред беше прашањето за проширување на Президиумот на АСНОМ со нови членови. Страхил Гигов, како член на ЦК на КПМ и на Главниот штаб, предложи во Президиумот да се прими Видое Смилевски, и даде кратко образложение за тоа. Ченто на тоа реагираше на следниот начин:

’Кој е Видое Смилевски? Македонец ли е, знае ли македонски? Што направил за движењето?’.

Страхил објаснуваше:

’Да, тој е Македонец по татко, од гостиварско, одраснал и живеел во Србија, разбира македонски но тешко се служи, учел на српски и подобро го знае српскиот јазик, учествувал во илегална работа, во Крагуевачкиот одред итн…’

Ченто се сврте и ме праша мене:

’Киро, го познаваш ли Видое од време на илегалата, си го сретнал ли?’

Јас одговорив: ’Не го познавам, иако учествував на речиси сите манифестации на студентите во Белград’.

Ченто продолжи:

’Па каков е тој Македонец кој не живеел во Македонија и не знае македонски? И ние меѓу двете светски војни учевме на српски, но си зборувавме на македонски јазик… Од овие причини јас сум против Видое Смилевски да стане член на Президиумот, но за да не изгледа дека вршам некакво влијание врз вас, ги ставам и двата предлога, мојот и овој на Страхил Гигов, за изјаснување. Еве, прво ти Михајло изјасни се.’ 

Михајло Апостолски (во средина) и Ченто (десно)

Михајло Апостолски рече:

’Јас сум за предлогот на Ченто’.

Потоа, веројатно поради авторитетот на Апостолски, сите еден по еден се изјаснија во корист на предлогот на Ченто. И јас самиот се изјаснив за тоа. Настапи штама. Гигов видно разочаран и возбуден, веднаш трчајќи се упати во соседната куќа, каде што беа другите членови на Централниот комитет и делегатот на Врховниот штаб, Светозар Вукмановиќ-Темпо. Брзо се вратија од таму Темпо и Гигов. Темпо неосетно му се приближи на Ченто одзади и со повишен тон рече:

’Ко је тај Чента да одлучује ко че бити или нече бити члан Президиума…?’

А Ченто, не завртувајќи се, бидејќи го познаваше гласот на Темпо, рече:

’Ти другар Темпо, дали си член на Президиумот?’

Темпо одговори:

’Не сум’.

Тогаш Ченто продолжи:

’Е штом не си, тогаш што ни се мешаш во  работата, остави не да работиме!”

Смилевски-Бато

Судирот околу Видое Смилевски-Бато всушност е судир меѓу српската, или просрпска, и македонската струја во револуционерно движење за време на Втората светска војна но и по завршувањето на војната и конституирањето на Народна Република Македонија. Српското мешање во изборот на кадри, односно присилното внесување на Видое Смилевски-Бато во врвот на АСНОМ, всушност ја отвора вратата и за инсталирање на Лазар Колишевски, кој, патем, исто така, не го знаел македонскиот јазик, во врвот на македонската партиска и државна власт.

Според спомените на Марија Андонова-Ченто, нејзиниот татко дошол во судир со Темпо токму поради Видое Смилевски-Бато:

„Татко ми беше против Видое Смилевски – Бато да биде член на АСНОМ  во 1944 година во ’Прохор Пчински’. Го прашал Страхил Гигов дали го познава а тој рекол не. Потоа го прашал дали е Македонец, Страхил Гигов рекол – да. Татко ми рекол ако е Македонец треба да зборува македонски, а не српски, нас не ни требаат Срби во раководството  на АСНОМ.

Страхил Гигов веднаш го информирал Светозар Вукмановиќ-Темпо за проблемот…. Настанала жестока расправија помеѓу татко ми и Темпо за Видое Смилевски. “

„Сите што беа против Смилевски беа тргнати од политиката?“

Во сведоштвото на Павел Шатев и Панко Брашнаров, запишано во извештајот посветен на ’некои факти за сегашната положба во нашата земја’ од октомври 1948 година, стратегијата за уфрлување на Видое Смилевски – Бато во врвот на новата македонска власт имала многу поголема цел од обично членување во раководството на АСНОМ:

„Во 1944 година, во август, на планината Козјак, пред да се собере АСНОМ на историско заседание во манастирот ’Свети Прохор Пчински’, кога се  подготвуваше листата за народни претставници на Македонскиот генерален совет, Вукмановиќ-Темпо дојде на собранието со еден млад човек од гостиварско, кој не знаеше да говори македонски, а тоа беше Видоjе Смилевски.

Генерал Темпо го предложи за народен пратеник на АСНОМ. Присустните се  вознемирија и се спротивставија, а против тој предлог особено се спротивставија другарите Лазар Соколов од Куманово, бивш помошник-министер за трговија, а сега професор при универзитетот во Белград, Кирил Григоров, бивш министер за  финансии во Македонија, а сега помошник-министер за финансии во Белград, и Благој Хаџи Панзов, бивш помошник на јавниот обвинител на Југославија, до неодамна советник при југословенската амбасада во Софија, а сега отстранет, отповикан и без определена служба. Генерал Темпо се налути и го напушти собранието. Подоцна, кога се продолжи со работа, Темпо дојде повторно и рече: ’Видоjе Смилевски е испратен од ЦК на КПЈ и треба да се внесе во списокот на народните претставници…’

Наредбата беше извршена, а за ставот околу неговиот избор веќе спомнатите другари беа испратени во Белград, како сомнителни и неблагонадежни лица, и така лишени од можноста да станат државници, македонски народни и државни раководители. Благодарејќи на ваквото нивно отстранување, беа поставени, односно предложени други лица, како Никола Минчев, Киро Миљовски, Љупчо Арсов, Вера Ацева, а и самиот Лазар Колишевски, кој има заслуги кон македонскиот народ и работничка партија само затоа што учел заедно со Александар Ранковиќ во средното техничко училиште во Крагуевац…“

Салата во манастирот Св. Прохор Пчински во која е одржано Заседанието на АСНОМ. Подоцна, македонските власти територијата на која се наоѓа манастирот ја отстапуваат на Србија, па денес таму немаме дозволен влез

Во  1954 година како потпретседател на Владата на НРМ, кога претседател на Народното собрание на  Македонија е Лазар Колишевски, кој бил инсталиран во македонското револуционерно движење и власт од истите луѓе во Србија, „демократски избраниот делегат“ Видое Смилевски-Бато е на прославата на десетгодишнината од Првото заседание на АСНОМ во манастирот „Свети Прохор Пчински“ каде што се собрале неколку илјади Македонци за да го прослават големиот македонски празник. По завршувањето на свеченото заседание на Народното собрание во дворот на манастирот, во амбиент што треба да потсетува на Првото заседание на АСНОМ, со кое овојпат раководи претседателот Лазар Колишевски, ’ другарот Колишевски во придружба на другарот Видое Смилевски ја посети салата каде што се одржа Првото заседание на АСНОМ и тука се задржа во покус разговор со преживеаните делегати на Првото заседание на АСНОМ“, запишал новинарот  на „Нова Македонија“ во својот извештај од настанот.

Притоа никој и нигде не го спомнува Ченто, првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ, кој во тој миг, додека Колишевски и Смилевски слават, сѐ уште е во затворот во Идризово. Ќе биде пуштен условно една година подоцна, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор, а две години потоа ќе почине во својот дом во Прилеп, каде што, и по излегувањето од затворот, не се откажал од идејата за самостојна и обединета Македонија.

Во секој случај, по скандалозното уфрлање во АСНОМ, Видое Смилевски-Бато следните години 35 години, до својата смрт во 1979 година, наспроти Ченто и останатите кои завршуваат така како што завршуваат, остварува богата политичка кариера. Веднаш по АСНОМ тој е кооптиран во ЦК на КПМ а од октомври 1944 година ја презема должноста секретар на Обласниот комитет на КП на Скопската област. По ослободувањето се наоѓал на повеќе високи партиски функции; член на ЦК на СКЈ бил од Петтиот до Осмиот конгрес, а член на Претседателството на ЦК на СКЈ од 1969 година. Во меѓувреме, како десна рака на Колишевски, од 1947 до 1950 година е потпретседател на Владата на НР Македонија, а 1950 до 1951 година е претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ.

Во периодот од 1952 до 1954 година повторно е потпретседател на Владата на НРМ, а во наредните две години одново се враќа во Народното собрание, и од 25 јуни 1963 до 12 мај 1967 година е претседател на Собранието. Во периодот потоа е претседател на Сојузниот собор на Сојузната скупштина, член на Советот на Федерацијата, пратеник во Соборот на народите во Сојузното собрание, претседател на Управниот одбор на Републичкиот фонд за кредитирање на побрзиот стопански развој на недоволно развиените краишта, а смртта го затекнува на должноста претседател на Претседателството на СР Македонија и член на Претседателството на ЦК СКМ. Според многумина, Видое Смилевски – Бато имал изразени просрпски, или таканаречени пројугословенски ставови во однос на македонската држава за што и Методија Андонов-Ченто се спротивставил на неговото кооптирање за член на АСНОМ, но, според други извори, блиски до него, бил голем патриот кој се вратил од Србија и повторно го променил името на своето семејство во Смилевски од Смилевиќ, кое го добиле во село Никифорово за време на српската окупација.

ПАРТИСКИ ИЗВЕШТАЈ НА ВИДЕО СМИЛЕВСКИ ПО ПОСЕТАТА НА ТИТО НА БУГАРИЈА

Во делегацијата што ја предводел Тито при посетата на Бугарија во септември 1965 година се наоѓал и Видое Смилевски-Бато, како претседател на Собранието на НРМ. При таа посета, кон самиот крај на разговорите, Тито го покренал македонското прашање, кое подоцна било парафразирано од страна на Видое Смилевски на седницата на Извршниот комитет на ЦК на СКМ одржана на 25 октомври 1965 година. Според историчарот д-р Васил Јотевски, Видое Смилевски  – Бато, Тито рекол дека тоа прашање ’може да им посмета на нашите договорени заклучоци (што ќе рече дека уште пред да биде поставено како прашање, заклучоците меѓу југословенската делегација и бугарското раководство биле донесени и прифатени, В.Ј.) за натамошно проширување и продлабочување на односите, да ги доведе во прашање. Тоа негово изнесување предизвика еден шок кај бугарската страна, едно запрепастување. Меѓутоа, како во продолжението другарот Тито разложно почна да го изнесува прашањето, широко и конструктивно да му приоѓа на проблемот, така нив им стануваше се полесно. Тој говореше дека би требало обострано да се избегнуваат оние претерувања на историчарите и наведе за административниот притисок кој се врши врз Македонците да се декларираат за Бугари.’ Според извештајот на Видое Смилевски, во заедничкото коминике, односно во изјавите што по средбата ги дале Тодор Живков и Тито, двајцата го истакнале своето задоволство од изнаоѓањето патишта за билатерална соработка, а за меѓусебната недоверба ги обвинувале „разните историчари кои според своја волја ја кројат и толкуваат историјата на нашите народи.“

На некои забелешки од извесни македонски кругови зошто македонското национално прашање било поставено дури на крајот од разговорите, Видое Смилевски дообјаснил:

„Сметам дека грубо би погрешиле во нашата оцена ако би се сложиле со она дека било неопортуно поставувањето на ова прашање при крајот на разговорите. Постојат и такви емотивни искажувања да требало малку поенергично да се настапи, попотполно да се постави, или дека штом ништо не е објавено во званичното соопштение нема никаква вредност ваквото поставување. Мислам дека тие се неправилни резонирања кои воопшто не водат сметка за одредена реалност во односите и положбата во самата Бугарија“, осудувајќи ги „македонските националисти“ и  „нивните националистички ставови и гледања“.

ПО ТРИ ГОДИНИ РОБИЈА:

Другарот Колишевски се врати на својата должност на чело на ЦК КПМ!

Во организациониот извештај на ЦК КПМ поднесен на Првиот Конгрес на ЦК КПМ одржан од 19 до 24 декември 1948 година, значи само четири години по скандалозниот судир околу неговото присилно внесување во раководството на АСНОМ, Видое Смилевски – Бато, меѓудругото, пишува:

„На 3 август 1944  (значи само еден ден по Првото заседание на АСНОМ, н.з)  во село Равно ЦК одржа партиско советување на кое, покрај другото, беше извршена остра критика на шовинистичките и сепаратистичките разбирања што се појавија кај извесни ситнобуржуаски елементи и беше укажано на големата опасност од нивната дејност доколку партиската организација не поведе беспоштедна борба против таа појава. Создавањето на АСНОМ и на крупни единици на Народноослободителната војска на Македонија му даде уште поголем поттик на сенародното востание…и успеа да ја ослободи Македонија, како прв наполно ослободен дел на Југославија, испраќајќи свои синови во борбата за конечното ослободување на  целата наша татковина- Демократска Федеративна Југославија. Мошно значајно е тоа што од септември 1944 година на чело на нашиот ЦК застана неговиот секретар другарот Лазар Колишевски, кој се врати на својата должност по три години робија“.

СПОРЕД СМИЛЕВСКИ-БАТО

Процедурата за избирање на вистинските претставници за Првото заседание на АСНОМ била целосно демократска!

Во рефератот по повод  20 годишнината од Првото заседание на АСНОМ во 1964 година, Видое Смилевски-Бато, воопшто не спомнувајќи го конфликтот во врска со него меѓу Темпо и Ченто, подвлекува:

„Формирањето на Иницијативниот одбор и определувањето на целосна демократска процедура во избирањето (!!!) на вистинските претставници на македонскиот народ за Првото заседание на АСНОМ, потоа познатиот манифест на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, како и советувањето на ЦК КПМ во Фуштани…, означуваа целосно разгорување на Народноослободителната борба и социјалистичката револуција…“