Сајтот на Бигорскиот манастир, Бигорски.орг., го пренесува сведоштвото на Мана Хорбаладзе која му била духовно чедо на св. Гаврил Грузиски. Сајтот нуди дел од нејзините спомени за Старецот:
„Мојата прва средба со о. Гаврил беше во 1990 година. Во тоа време бев почетник во верата. Кога прв пат му пристапив за благослов, тој стоеше покрај својата кула. Неговите очи блескаа со огромна љубов и ме пречека како долго очекуван гостин.
- Благословете отец – реков и го слушнав следниот одговор:
- Христос нашиот Господ нека те благослови! Старецот ме прегрна и рече:
- Господ те сака многу!
Од тогаш многу го засакав и не можев да си го замислам животот без него. Еднаш Старецот ми рече:
- Те очекуваат големи испитанија.
Секако, тогаш не знаев на што мисли тој, но сфатив кога по извесно време ме снајдоа тешки здравствени проблеми. Дијагнозата беше страшна – саркома на рбетниот столб со метастази по целиот скелет. Докторот ми предвиде уште три месеци живот. Заради неиздржливите болки набрзо ме ставија на терапија со морфиум. Чувствував како сѐ повеќе ја губев силата. Една вечер ги отворив очите и го видов старец Гаврил, застанат над мојата глава. Тоа беше во периодот кога и самиот имаше сериозни здравствени проблеми и ретко ја напушташе ќелијата. Не можев да поверувам дека дојде кај мене. Старецот ме прегрна и јас почнав силно да плачам.
- Господ ги услиша молитвите. Не плаши се! Ќе преживееш! Друго не можам да ти откријам – тоа се тајни Божји. Но да знаеш ќе имаш големи болки – ќе треба да поминеш низ оган; Господ ќе те стопи како злато во печка; ќе одиш како по вжештен челик.
Тогаш не го разбрав значењето на неговите зборови, но сега, 28 години подоцна, работите стануваат јасни. Морав да претрпам многу операции. Болката наликуваше на „ одење преку вжештен челик“. Ете на што мислеше Старецот.
Таа вечер дојде мојот внук. Се сеќавам дека о. Гаврил погледна кон него и му рече:
- Синко те чека голема неволја. Дојди да те благословам за искушението да избега.
Иако внук ми не беше верник и никогаш не одеше во црква, сепак стана и отиде кај него по благослов. По извесно време се обидоа да му ја украдат колата. Бидејќи беше млад тој се спротивстави, но ограбувачите го соборија долу и застрелаа со пиштол. Само поради милоста Божја и молитвеното посредништво на Старецот, куршумот едвај малку го поткачи и тој преживеа. Подоцна на сите им кажуваше дека својот живот му го должи на благословот на тој навидум чуден монах.
А што се однесува до мене, јас ги преживеав сите тешки операции, и покрај речиси никаквите изгледи за тоа. Само поради молитвите на Старецот! Иако тој замина во вечноста и физички не е веќе со нас, сепак духовно не нѐ напушти и чекори по земјата до денешен ден. Ова го знам затоа што доаѓа пред секоја операција и ме благословува!
Бигорски.орг