Михаил Чаков, учесник во битката во с. Баница и човекот кој е најзаслужен за зачувувањето на коските на Делчев, оставил возбудливо сведоштво за начинот на кој тоа е сторено. Ова се неговите сеќавања
Пишува: Дарко ЈАНЕВСКИ
‘На 22 април утрото, откако ги прегледал сите трупови, Тефиков наредил убиените да се погребаат според христијанските обичаи со светеник, а труповите на Делчев и Гоштанов да се однесат во Серес. Кога телата се наближиле до градот, од Солун стигнала некаква телеграма да бидат вратени назад во Баница, каде биле погребани во посебен гроб. Тоа помогна да се знае гробот на Гоце. Инаку, ќе беше погребан со останатите во еден гроб, и ќе беше многу тешко да познаеме кои се коските на Гоце, а кои на другите четници…
На 23 април 1906 година, на Ѓурѓовден, стигнавме во Баница. Точно по три години од смртта на Гоце и по едно советување со Таската, решивме да го откопаме гробот на Гоце и на Гоштанов и да ги прибереме коските. Гробот беше на една ливада до самото село, на околу десетина минути, до кулата на патот Серес – Неврокоп, во која има околу 20-тина жандарми.
Поради тоа, решивме откопувањето на гробот да биде во текот на ноќта, кога можевме да преземеме и мерки на претпазливост. За среќа, стражарите не не видоа додека откопувавме, и покрај тоа што ноќта беше со јасна месечина. На наше големо чудење, кога го откопавме гробот и стигнавме до коските, градниот кош на Гоце беше се уште нераспаднат. Затоа, го зедовме черепот и останатите коски, а градниот кош го оставивме да се дораспадне. Гоштанов беше послаб и беше распаднат целосно. Неговите коски ги предадовме на чичко му, кого го бевме повикале од Крушово, специјално за таа цел.
Откако ги прибравме коските на Гоце, влеговме во селото во куќата на дедо Никола Мутафчиев, клисар на црквата. Зоврев вода во еден голем котел, и откако добро ги измивме коските, бидејќи не располагавме со други средства за дезинфекција, ги потопивме во еден сад со шпиритус. По три дена ги извадив коските од шпиритусот, внимателно ги ставив во една бовча и му ги предадов на дедо Никола.
Вечерта пред да го напуштиме селото, го повикав дедо Никола на страна и во четири очи му го кажав следното:
‘Дедо Никола, ќе направиш едно сандаче, ќе ги ставиш коските во него и кога ќе спие Господ, преку ноќта, ќе ги пренесеш и ќе ги оставиш кај олтарот во црквата. Змија ќе ти го изеде јазикот ако некој друг дознае дека тоа се коските на Гоце Делчев’.
Дедо Никола ја чуваше тајната до смртта. Во 1908 година една ноќ, тој самиот отишол и одново го откопал гробот, ги собрал и коските од градниот кош на Гоце, на истот начин ги измил, ги потопил во шпиритус и ги ставил во сандачето.
Кон крајот на 1915 година како подофицер се најдов во Ксанти… Во ноември-декември веќе можев да ги чујам топовските грмежи од Серскиот фронт. Ми пролета мислата дека англиско-француските војски можат толку да напредуваат и да ги принудат нашите да отстапат од тие места, а заедно со тоа, и коските на Гоце да ги изгубиме засекогаш. Тогаш смислив како да ги земам.
Михаил ЧАКОВ во комитско
Дедо Никола Мутафчиев во 1913 година се преселил во селото Којункој, на половина час до Ксанти. Го повикав да дојде и му реков да оди и да ги прибере коските. Дедо Никола замина и го најде сандачето со коските така како што го оставил. Селото Баница беше палено три пати. И црквата била запалена, но за чудо, олтарчето, заедно со коските на Гоце останало…
Јас направив ново сандаче, ги ставив коските во него и до 1923 година ги чував дома крај иконата, а едно кандилце гореше деноноќно. Во 1919 годин по силата на нештата заминав од Ксанти. Пред да заминам, по балџа ми Василка Д. Бонева го испратив сандачето со коските во Пловдив’, раскажувал Чаков.
Така коските се нашле во Бугарија. Од Пловдив Чаков ги однел во Софија, каде во август 1923 година биле изложени во црквата Света Недела на поклонение. На 12 август 1923 година биле сместени на таванот на црквата заедно со коските на Раковски. Потоа Чаков одново ги зел коските и тие биле чувани во канцеларијата на друштвото Илинден во сандачето на кое веќе било испишано:
‘Се заколнуваат идните генерации светите мошти да бидат погребани во престолнината на независна Македонија.’
(Текстот е напишан пред повеќе од десетина години. Потоа е краден и преобјавуван од разни сајтови без да се наведе изворот и авторот, но се чини секогаш ќе биде актуелен. Тоа беше прв пат во Македонија, од нејзиното постоење, да биде објавено ова сведоштво на Чаков. Можеби пред тоа било спорно тоа што конечното прибирање на коските е извршено додека Чаков бил градоначалник на Ксанти во текот на Првата светска војна. Не знам. Но, поентата на ова дополнување е дека се појави сомнеж дали дедо Никола во 1908 година навистина го откопал и градниот кош. Тој сомнеж се појави кога по единствената репортажа на еден македонски медиум и новинар од останатите урнатини на с. Баница и од сокаците низ кои Гоце се обидувал да се извлече, се јави сега веќе покојниот скопјанец Ефтимов, кој сметаше дека постои голема веројатност градниот кош и натаму да почива во Баница, бидејќи тој, при пренесување на коските од Софија во Скопје, имал прилика да ѕирне во сандакот и му изгледало дека таму нема доволно коски колку што е нормално за едно човечко тело. Дали дедо Никола во 1908 навистина постапил како што му рекол Чаков? Веројатно никогаш нема да дознаеме)