Даме ГРУЕВ, Спомени

До 14 август бевме спокојни. Сарафов се оддели и отиде во Демирхисарско. На 14 август дојдоа 9 табура војска по 600 до 800 мина. Се биевме цел ден, насекаде зазедовме позиции. Раководевме јас и Сугарев. Турците извршија напад со артилерија. До 10 часот попладне (сиреч 4.) паднаа 32-33 комити. Имаше загинати и Турци. Потем јузбашијата (бинбашијата) кажувал оти загинале 100 мина. Тогаш почна повлекувањето на четите. Дел од нив останавме во шумата над селото. Јас бев таму. Сугарев отиде во Ресенско. Пред да се мркне Турците влегоа во селото, околу 12 часот. Но еден дел од аскерот беше влегол во селото уште на пладнина. Веднаш фатија да ги палат куќите. До вечерта пламна сето село. Сето население беше во шумата, со еден дел од четите. Турците наоколу веќе ги опколисаа четите. Во селото останаа само неколкумина старци, немоќни, што ги потепаа. И во збегот (логорот) во шумата беа убиени околу 40 мина од двата пола, што на поотворени места беа погодени од куршуми. Самите тие, од исплашеност, се изложиле на отворено. Во текот на ноќта еден број од мажите се пробивме низ турскиот обрач во планината, и поминавме во соседната шума. Жените, децата и старците останаа во шумата под селото. Утредента им побараа теслим на семејствата, и тие се прибраа во селото. При предавањето немало насилства. Првиот ден некои жени со деца, довтасани, биле натепани, па и силувани. Селаните влегоа во селото што беше изгорено. Војската остана на вишнатините околу селото уште три дена. Војската го продолжи својот пат натаму по билото на Бигла и се најде во Демир Хисар. Ние се вративме назад, во Смилевско. Ноќно време слегнувавме и во селото. Имавме прибрани храна и облека во шумата, па тоа се спаси. Околу 50 семејства останаа сосем без облека.

По капитулацијата поголем број од двата пола (околу 300 мажи) со исклучок на вооружените востаници, се прибраа во Битола. Не сакале да ги пуштат во градот, но тие најпосле успеале да влезат. Таму се сместиле делумно и во свои куќи. Потем во текот на септември се собравме сите – и Лозанчев и Борис – во селото, каде пак дојде војска. Ние излеговме горе на билото на планината; бевме 150-160 мина, зазедовме позиции за борба. Забележавме дека и од други две страни надоаѓаат војски. Ние се концентриравме во центарот. Се отвори оган од крилата. Крилата отстапија. Центарот по неколку истрела повторно отстапува кон гората. Со десното крило, каде беа селаните се разгоре битка; загинаа наши 4 мина. Борбата траеше до 3-4 часот попладне. Во текот на ноќта војските се распоредија долу, во котлината, а дел од нив горе, по билото. Од четите дел од нив заминаа накај Горни Демир Хисар, а ние се вративме во Смилевско (борбата се одвиваше на боишкоцеровскиот синор). Војската го продолжи патот за Горни Демир Хисар. Сарафов беше со мене. Тогаш се разделивме. Јас предложив да отидам во Леринско, но и тој го сакаше истото тоа. Борис се искажа ,дека е решен да си замине во Бугарија, и се упати преку Преспанско-Леринско. Со него тргнаа и некои од неговите луѓе, па и други.

По заминувањето на Сарафов, стапи во сила општото решение за запирање на борбените дејства. Складиравме околу 400 пушки. Отидов да ги надгледам другите реони, сите во Битолско. Помошните мисии на Англичаните донесоа малу утеха и успокојување. Од друга страна гласовите за реформите не охрабрија донекаде.