Уверен дека не ќе бидеме спасени, за последен пат ви испраќам братски поздрави. Спроти карпата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето кесе со четири и пол наполеони, една лира и околу 40 гроша.

Овие зборови се дел од писмото кое го напишал војводата Христо Узунов, пред саможртвата што ја направил заедно со 11-мината соборци.

Сведок на сликата од овој настан бил Италијанецот Еторе Лоди. Тој за јуначката драма во Цер запишал:

„На другиот ден после бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам. Труповите на 11 млади јунаци сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија, за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв… Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедива“!

(Подготвил: Д.Г.)