Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот започна воена операција во Украина со експлозии кои се слушнаа низ целата земја, а министерот за надворешни работи предупреди дека е во тек „целосна инвазија“.

Во селото Зазимија кое спаѓа во Киевската област, се наоѓа и Игор Ангелов од Македонија кој е оженет за Украинка од 2014 година. Во продолжение го пренесуваме сведоштвото кое тој го даде за портал Струмица Денес:

-Ќе гориме во пеколот. Утрово свиреа сирени. Живееме на 23км од центарот на Киев и се слушнаа два силни удари. На работа не одиме, леб не успеавме да купиме… купив брашно и квасец и неколку литри млеко. Струја и плин засега имаме, ќе видиме само до кога. Додека го пишувам ова пред малку слушнавме уште еден удар, прозорците се затресоа. По мое ноќеска би можело да биде поопасно.“

Игор Ангелов за Струмица Денес вели дека неговите во Македонија се многу исплашени. Тој изјави дека до аеродромот нема опција како да се стигне, бидејќи е блокиран патот помеѓу Бровари-Киев. Ова се најтемните часови за Европа после Втората светска војна.

извор:strumicadenes.mk