Пишува: Блаже Миневски
Во септември 1978 година, поточно од 25 до 28 септември, протоколот на Сојузниот секретаријат за надворешни работи на Југосклавија организирал четиридневна посета на Македонија на акредитираните амбсадори во Белград. Еве што меѓу другото запишал во својот тефтер бугарскиот амбасадор Рајко Николов:
„Патувавме со специјалниот воз на Тито, сместени во конфорни вагони, средени во стил од почетокот на векот, во големи, плишени купеа. Бевме околу стои и десет души – 55 амбасадори со сопругите. Грчкиот колега не ја прифати поканата и најдемонстративно ја бојкотираше таа иницијатива на ССНР. Растојанието од Белград до Скопје го поминавме неосетно во пријатни разговори и весело расположение, престојувајќи поголем дел од времето во вагон-ресторанот каде што ни сервираа пијалоци по желба. Скопското раководство се беше потрудило да се справи добро со улогата на домаќин и со задачата да ги убеди странците дека луѓето во Македонија се чувствуваат среќни во Титова Југославија.“
„До кога ќе криеме од бугарските читатели што другите говорат за нас!“
„Во Скопје, на средбата со Благој Попов, претседател на Извршниот совет на Народното собрание, забележав дека тој говори умерено пофално за развојот на Македонија во различни области, а се покажа и доста тактичен па не говореше за борбите на ’македонскиот народ’ ниту за ’македонските национални малцинства’ во Бугарија и во Грција. Спомна само дека поради ’историски причини многу Македонци живеат во туѓина и во соседните земји’. Ништо повеќе. Средбата ќе поминеше сосема ’дипломатски’ ако не се обратеше амбасадорот на Перу. Кога Благој Попов го заврши експозето, Перуанецот внесе живост во салата прашувајќи дали постои ’македонска нација’, бидејќи, како што рече, слушнал разни мислења по тоа прашање. За миг Попов се почувствува збунет, но брзо се созеде и се обиде да се извлече од неудобната состојба, велејќи дека секој од амбасадорите откако ќе се запознае на самото место со минатото и сегашноста на Македонија, сам ќе може да донесе заклучок. Истата тактичност очигледно не му беше препорачана на придружникот на екскурзијата низ градот, кој при разгледувањето на знаменитостите на Скопје не заборави многупати да го спомне „дејствувањето на туѓите окупатори’ за време на Втората светска војна, фалејќи го Георги Димитров за тоа што му ги вратил на ’македонкиот народ’ моштите на Гоце Делчев за да бидат погребани во родната земја…“
Георги Димитров
Белешките што го опфаќаат периодот од 12 до 16 октомври 1978 година се поврзана со реакциите по повод говорот на Тито во Скопје во делот за македонското малцинство во Грција и во Бугарија:
„Југословенската влада е многу внимателна кон Грција и не си дозволува остри напади врз неа по малцинските прашања зашто е членка на НАТО. Случајот со Бугарија е поразличен – таа е член на Варшавскиот договор. Со нападите врз нас Југославија си создава позиција пред Западот и од тоа извлекува политичка корист. Инаку, новиот турски амбасадор сподели со мене дека е зачуден од југословенската пропаганда кон Бугарија. Минатата вечер гледал на телевизија документарен филм по повод годишнината на востанието во Македонија а му направило впечаток тоа дека многу се говорело за ’бугарските окупатори’ во Македонија, додека само бегло се спомнувало дејствувањето на ’нацистите’ во Југославија а речиси ништо за германските војски…Од бугарските весници кои пристигнуваат со задоцнување, дознавам дека говорот на Тито во Скопје кај нас бил објавен со скратувања дури на 11 октомври, пет дена по настанот. Веројатно горе, во Софија, долго размислувале а за тоа време весниците молчеле и чекале да им се нареди што да ’пуштат’. И југословенскиот печат е диригиран но со поголема експедитивност. Во она што е објавено во нашиот печат од говорот на Тито се испуштени клучните делови за Бугарија. До кога ќе криеме од бугарските читатели што другите говорат за нас!“
При крајот на годината, амбасадорот Рајко Николов повторно е во Македонија, неговата најбитна амбасадорска дестинација. Имено, од 13 до 19 декември доаѓа во таканаречена ’протоколарна посета’, патувајќи со автомобил до Скопје:
„Ги сакам патувањата со автомобил во сите сезони. Но овој пат тргнав без задоволство, не затоа што е зима, туку затоа што мора да направам задолжителна, протоколарна посета на Македонија. Психолошки бев подготвен за тоа што ми претстоеше. Знаев дека мојот краток престој во главниот град на Македонија нема да биде пријатен. Сите мои средби во Скопје беа претходно договорени и планирани од протоколот на ССНР, и мораа да бидат реализирани во еден ден. Со тоа на недвосмислен начин ми се сугерираше дека не сум посакуван гостин на подолго време. Уште во колата чувме на радио како Лазар Колишевски по повод годишнината од формирањето на некој партизански одред, без да штеди епитети за ’бугарските окупатори’, говореше за бугарската фашистичка окупација на Македонија за време на Втората светска војна.
Бугарскиот амбасадор бил задоволен од неговото однесување: Балгој Попов
За разлика од него, и од некои други, Благој Попов во моите очи ми изгледаше како човек со кој е возможно да се разбереш, не е фанатик. Посебно ми прави впечаток тоа што кон своето презиме не си го додал она ’ски’, како што е модерно тука во србоманските кругови. Си останал Попов. Освен тоа во кабинетот не довлечка преведувач, како што се практикува, а тоа значеаше дека не сака да демонстрира дека мојот бугарски е различен од неговиот ’македонски’ јазик“, запишал бугарскиот амбасадор во својот личен на 18 декември 1978 година.
„Во Македонија не се задоволни од Милош Миниќ!“
Во белешките за следната година повторно доминираат проблемите околу прашањето за бугарската „окупацијата на Македонија“, прашањата за ’македонската нација’ и ’македонското малницство во Пиринска Македонија’. Притоа од тонот може да се види дека станува збор за амбасадор со радикално националистички ставови, кој не прифаќа никакво друго мислење во однос на овие и слични прашања, а политката на Тодор Живков за него е светска, лидерска и визионерска за разлика од политиката што ја води југословенската влада. Впрочем, поради ваквите негови ставови тој е едниствен амбасадор кој на крајот од својата мисија во Белград не го добива вообичаениот медал за заслуги во подобрувањето на односите меѓу земјата што ја претставува и Југославија. Во белешките може да се прочита за затегнатоста на односите меѓу Југославија и Бугарија во врска со правата на македонското малцинство во Бугарија, за проблемите околу посетата на новиот сојузен министер за надворешни работи Јосип Врховец на Софија, како и за реакциите од посетата на Тито на СССР и разговорите со Брежнев. Во контекст на неговата антимакедонски дипломатски поглед на Македонија и македонскиот народ, Рајко Николов, амбасадор на Бугарија во Југославија во белешката од 5 јули 1979 година бележи: „Има сигнали дека екстремистите во Македонија не се многу задоволни од ’помирувачкиот однос’ на Милош Миниќ на средбата со Кубадински, плашејќи се да не ги загубат позициите во Скопје и во Белград во полза на приврзениците на една поумерена политика кон Бугарија. Со тоа се објаснува фактот што вчера на Собирот на југословенските резервни офицери во Прилеп, Лазар Мојсов, член на Претседателството на ЦК на СКМ, одржа ’борбен говор’ против нашата земја. Ваквиот настап е во спротивност со разговорите Кубадински-Миниќ и взаемно изразената желба за подобра атмосфераа во односите. Луѓе како Лазар Мојсов, Лазар Колишевски и други се директно одговорни за уништувањето на нашите сонародници, родољуби во Македонија во повоениот период под обвинение дека биле сорабортници на бугарската фашистичка армија. Тие знаат каква омраза е насобрана против нив и сфаќаат дека можат да останат на високи позиции во државата и партијата само во услови на недоразбирања меѓу Југославија и Бугарија. Само еден ден подоцна го искористив приемот кај Видиќ по повод празникот на Србија за да изразам зачуденост пред Милош Миниќ од говорот на Лазар Мојсов во Прилеп. Според Миниќ, средбата со Кубадински била чекор напред во подобрување на односите меѓу нашите две земји Со тоа сосема го дезавуира Мојсов“.
Живков чекал пред кабинетот на Колишевски за да не прими!
Според дел од белешките за 1980 година, објавени три години пред смртта на Тодор Живков, амбасадорот Рајко Николов, како официјален претставник на бугарската влада во Југославија, преку одредени структури во Белград, се разбира, се обидувал да ја дистанцира официјалната југословенска политика од прашањето за правата на македонското малцинство во Бугарија, а сите што го спомнувале тоа како приоритетно прашање во неговите белешки се окарактеризирани како ’бесни националисти’, особено Лазар Мојсов и Лазар Колишевски. Сепак, барем во првата половина на година, главната тема на неговите ’дипломатски’ опсервации се болеста и смртта на Тито. Главниот блок на таа тема почнува со белешката од 4 мај кога се објавува веста за смртта на Јосип Броз Тито:
„Молкавично, по четиримесечната агонија, во светот се рашири веста за смртта на Тито. Во Софија, каде што бев на консултации, Младенов ми рече дека за погребот на Тито во Белград ќе дојде премиерот Станко Тодоров. Тодор Живков тешко може да му прости на Тито што се однесуваше со непочитување кон него и не го прифати многукратното инсистирање за средба меѓу нив двајцата. Сега кога Тито е мртов, Тодор Живков изгледа не гори од желба да отиде да се поклони пред неговите мошти, си реков. Мислам дека тој всушност никогаш не негувал симпатии кон починатиот југословенски претседател, но длабоко во себе сепак го почитуваше заради големата популарност во светот… Ќе го осуди ли историјата по смртта? Само иднината ќе покаже.“
Два дена подоцна белешката од 6 мај 1980 година ја потврдува со наводната ’решеност’ на Живков да не оди на погребот: „Првично ние ги известивме Југословените дека премиерот Станко Тодоров ќе присуствува на погребот на Тито. Во меѓувреме стана извесно дека Брежнев и раководителите на европските социјалистлчки земји, како и претседателите и премиерите на многу западни земји, и други држави, ќе дојдат во Белград да оддадат последна почит на починатиот југословенски претседател. Во таква ситуација отсуството од погребот на претседателот на соседна Бугарија би шокирала мнозина ( Белград е на помалку од 400 километри до Софија), па затоа се реши тој да го следни примерот на другите претседатели и држави..“.
И, се разбира, следниот ден, Тодор Живков, знаејќи дека бескрајно ќе го налути ’големиот брат’ како попче се нацртал во Белград па дури и се запишал во книгата на жалоста. Според белешката на амбасадорот Рајко Николов, бугарскиот лидер со повредена суета го запишал следново:
’Другариот Тито беше на чело на партијата на југословенските комунисти повеќе од 40 години и има големи заслуги во успехот на народноослободителната борба на југословенските народи против фашизмот и капитализмот, во изградбата на современа социјалистичка Јигославија…’ Во продолжение на белешката пишува: „ Потоа од Палатата на федерацијата отидовме во Собранието на СФРЈ да се поклониме пред саркофагот со телото на Тито. Траурната музика тивко жубореше низ салата. Тука Живков положи венец со црвена лента на која пишуваше ’На Јосип Броз Тито од Тодор Живков’.
Со тоа официјалните, протоколарни задолженија за тој ден завршија и Живков се врати во Интерконтинентал.“ Следниот ден амбасадорот ќе запише: „Добро наспиен, одморен, Живков беше бодро расположен но сепак посака да седне во еден агол од фоајето на Сојузното собрание. Додека течеше почесната процесија тој ме распрашуваше за Југославија и за некои нејзини раководители. Подоцна, по погребот, во својот апартман во Интерконтинентал, околу 17.30 часот, го прими претседателот на Малта, кој го замоли за помош кај Брежнев за гаранции од двете суперсили – СССР и САД- во врска со независноста и неутралноста на Малта. По разговорот со претседателот на Малта тргнавме со автомобилите кон Палатата на федерацијата каде што во 19 часот Лазар Колишевски требаше да го прими заедно со делегацијата. Пристигнавме малку порано од определеното време, и додека чекавме, седејќи во приемната за да не повикаат, Живков, обраќајќи се кон Тихомир Влашкалиќ, шеговито дофрли:
’Другар Влашкалиќ, ние возрасните веќе ја губиме власта, младите доаѓаат!’ Младенов се почувствува должен да негира: ’Не е точно, другар Живков, вие ја држите состојбата со власта здраво во рацете’. Потоа Тодор Живков, придружуван од нас, беше воведен во кабинетот на Лазар Колишевски“, пишува во дневникот на Рајко Николов.
Белешка од 20 февруари 1982 година:
„Пред две седмици во своето обраќање пред Сојузното собрание, Јосип Врховец јавно ја прогласи Бугарија виновна за непријатната состојба во која се наоѓаат бугарско-југословенските односи. Собранието за првпат изгласа резолуција со барање да го признаеме постоењето на македонската нација и македонското малцинство во Пиринска Македонија.“
Белешка од 11 мај 1982 година:
„Денес, при збогувањето, на својот проштален прием, Јосип Врховец ми рече дека бугарските интелектуалци треба да престанат да се занимаваат со минатото на Македонија. Вратив дека тоа не можно затоа што е дел од историјата на Бугарија. Во новата влада на чело со Милка Планинц за шеф на југословенската дипломатија е предложен Лазар Мојсов“.
Белешки од есента 1982 година:
„Дојде најпосле денот на мојот проштален прием во Белград, кој го приредив во салонот на резиденцијата, и беше многу посетен. Во духот на протоколот од југословенска страна ми беше даден проштален ручек, но, се разбира, не од Сојузниот секретар за надворешни работи, Лазар Мојсов, туку од членот на Сојузната влада, д-р Милорад Станоевиќ, претседател на Сојузниот комитет за земјоделие.
На 29 октомври си тргнавме со Лидија, мојата сопруга, за Софија, испратени од персоналот на нашата амбасда. Се вратив во Бугарија без вообичаениот југословенски орден со кој фактички се одлиукуваат сите амбасадори во Белград на крајот на својот мандат за заслуги за придонес во развојот на соработката меѓу нивната земја и Југославија. Наспроти тоа, колку и да звучи апсурдно, Државниот совет на НР Бугарија го награди југословенскиот амбасадор во Софија, Р. Урошев, со орден ’Мадарски коњаник’ прв степен за неговиот придонес во развојот на односите меѓу двете земји, но, по наредба на неговата влада, тој одби да го прими. Подостоинствено ќе постапевме ако воопшто не му го доделевме.“
(крај)