Александар БАЧИЌ за МИА

Култот кон Свети Наум Охридски е мошне силен и длабоко вкоренет не само меѓу православните верници во Охрид и пошироко низ Македонија, туку и на Балканот па и пошироко. Тој има не само религиозно, туку и културно, историско и национално значење.

Свети Наум се смета за заштитник на луѓето со психички болести и заштитник на брачните двојки и љубовта. Има многу народни преданија и сведоштва за чудесни исцелувања токму по молитва пред неговите мошти. Тоа само ја засилува мистичната димензија на култот.

На празникот посветен на овој светец во неговиот манастир што го носи неговото име на најјужниот дел од Охридското Езеро секоја година илјадници верници доаѓаат да му се поклонат, да побараат помош, спас, утешение…

Уште од синоќа тие го исполнија храмот каде е неговиот гроб, да легнат на него и да побараат утеха…Преданијата велат дека доколку го ставите увото на камената плоча на саркофагот, ќе го чуете биењето на неговото срце.

По повод празникот вчера од 19 часот се служеше празнична вечерна богослужба, со која чиноначалствуваше митрополитеот Европски Пимен. Верниците останаа до доцна во ноќта, некои дури и до изутринава. И денеска на самиот ден посветен на Свети Наум во манастирскиот комплекс се служеше Света архиерејска литургија пред голем број верници, гости, туристи…

Владиката Пимен на денешната проповед укажа на големината на делото на светецот, потврдено од големиот број луѓе кои дојдоа да му се поклонат, да му оддадат почит на Свети Наум и да се помолат за исцеление.

– Дури има луѓе кои веќе неколку години пешки доаѓаат од Мала Преспа преку Галичица од Албанија, да оддадат почит на Свети Наум и да направат поголем подвиг. Велиме во Охрид тоа е особено изразено, затоа што тие се поколенијата на живи сведоци кои ги виделе неговите чуда. Уште од неговото време кога Свети Наум правел чуда, но и на сите овие години подоцна кога се случувале чуда, изцеленија на неговиот гроб. Тоа не значи дека Свети Наум помага само на оние што доаѓаат на неговиот гроб, туку секаде онаму каде се споменува молитвено неговото име, низ цела Македонија каде неговиот култ е изразен, но и насекаде во светот…Особено во дијаспората, ете имаме во Европската епархија четири храма посветени на Светиот Наум Охридски Чудотворец, каде се чувствува неговото молитвено застапништво. Навистина се радувам што секоја година сум тука, со покојниот дедо Тимотеј имавме празнично заедничарење, ете сега продолжува оваа традиција да се собираме од сите страни на земјава и од соседните земји за да го прославиме овој значаен ден за нас, рече владиката Пимен.

Верници во манастирот има од секаде. Секој што чул за Свети Наум, а го носи во себе и го негува православниот дух ќе најде начин да дојде на брегот на езерото, да побара прошка, помош…

Милан од Смедерево со семејството доаѓа тука веќе 15 години за празникот. Вели дека се додека живее верата во луѓето, дотогаш нема грижа за православниот народ.

– Ние сме сите Божји деца, ние сме ист православен народ  и Македонците и Србите, тоа не одржува, вербата во Бога. Пред него сите сме еднакви, верата и Црквата ќе не избави од сите искушенија и несреќи, рече тој.

Охриѓани имаат особено голема почит кон Чудотворецот Наум. Еден од нив е и Благоја Климоски – Били, кој повеќе од 30 години живее во Австралија. Но, секогаш, вели, кога е тука за овој ден, не пропушта да дојде во манастирот Свети Наум и да му се поклони.

– Тој е светецот кој многу е почитуван тука. Ние со голема радост во срцата го чекаме овој негов празник, овој ден доаѓаме со вера во Бога да му се поклониме, да се помолиме за здравје, …вели тој.

Меѓу верниците денеска во Свети Наум беше и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој рече дека 3 Јули е голем празник не само за Охриѓани, туку за сите Македонци од целиот свет.

– Се слави Свети Наум кој заедно со Свети Климент беа следбеници на Светите Кирил и Методиј и многу придонеле за сесловенските народи. Сите оние дела и чуда што ги правел додека бил на овој свет Свети Наум, па и по неговото упокојување, се сведоштва за неговата чудотворност и услишени молитви. Свети Наум од неколку аспекти е битен за нас, затоа Охриѓани толку го почитуваат. Но, не само Охриѓани, туку верници и луѓе од други вери. Тоа го покажува не само денешниот ден со нивната бројност, туку така било и низ историјата. Свети Наум достоинствено е одбележуван и празнуван, така било така треба и да остане, рече Пецаков.

Една од најпознатите и највпечатливи легенди за Свети Наум е поврзана со неговата чудотворна сила за исцелување на луѓето со душевни и ментални болести, што е длабоко вкоренета во народната традиција.

Свети Наум живеел како подвижник и исцелител во манастирот крај Охридското Езеро. Луѓе од блиску и далеку носеле до него болни – особено оние што страдале од „бес“ или „лудило“, како што народот го нарекувал.

Ги доведувале врзани, со синџири и јажиња, бидејќи биле опасни за себе и за околината. Во тие времиња немало лекарства, па народот барал помош од светецот – кој ги примал сите со љубов. Тој се молел со солзи, ги прегрнувал болните, ги прскал со вода од изворот до манастирот и често ги заклучувал во една посебна ќелија, каде тие останувале во пост и молитва, додека не добијат смирение и исцелување. Свети Наум не само што ги лечел, туку и го апсорбирал нивното страдање, па затоа верниците и денес, кога ќе се поклонат на неговиот гроб, ја положуваат главата врз камениот саркофаг за да го „чујат неговото срце“ – како симбол на неговата вечна будност и духовна сила.

Така е и денес. Се додека луѓето во толку голем број доаѓаат да му се поклонат, и тоа не само на овој негов ден туку и во текот на целата година, се дотогаш и ќе се слуша неговото срце.

Она што се раскажува од дамнина, што се пренесува од поколение на поколение, дека Свети Наум не умрел, туку само заспал – и неговото срце уште будно чука во вечен ритам на љубов, тишина и молитва. Во камениот саркофаг во манастирот што самиот го изградил почиваат неговите мошти – но душата не си заминала. Таа останала тука, со народот, со езерото, со болните и немоќните.

И токму тука на изворите на Црн Дрим каде што телото му мирува, срцето му зборува.
Секој што со чисто срце, со вера и со покајание се наведнува над саркофагот – може да го чуе отчукувањето на неговото срце. Тоа не е обичен звук, туку ритам на вечна љубов, што ги прима болките на светот и ги претвора во мир. И се додека има луѓе што ќе се поклонат со љубов пред моштите на Свети Наум, неговото срце ќе чука…

Самата легенда не е симбол само на верата во чудото, туку и жив доказ за непрекинатата духовна врска помеѓу Свети Наум и народот. Веројатно тоа срце што се уште чука не е само негова светост – тоа е нашата совест, нашата надеж и нашата тишина во светот што пребрзо зборува.

Александар Бачиќ