Отец ЃОРГИ
Животот на Антониј е опишан во неговото Житие, напишано околу 360 г. од Св.Атанасиј, епископ на Александрија. Антониј е роден околу 251 година во некое село Кома близу Хераклеопол во Египет, во богато семејство од христијански родители – копти. Неговите родители починале кога тој имал само 20 години. По смртта на неговите благородни и богати родители си го поделиле наследството со својата малолетна сестра, згрижувајќи ја кај некои роднини, својот дел им го разделил на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посветил на подвижнички живот, како што тежнееше од детството. Најпрво се подвизувал во близина на своето село, но за да го избегне онеспокојувањето од луѓето, се оддалечил во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затвореник помина дваесет години не дружејќи се со никого освен со Бога преку непрестајна молитва, богомислие и созерцание, поднесувајќи ги неискажливо трпеливо демонските искушенија.
Неговата слава се пронесе по целиот свет и околу него се собраа многубројни ученици коишто ги поучуваше со пример и со слово на патот кон спасението. За осумдесет и петте години од неговиот подвижнички живот само двапати отиде во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на гонењето на Црквата, а вториот на повик на Св. Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес. Се упокои во сто и петтата година од животот, а зад себе остави цела војска следбеници и ученици. Иако не беше наобразован, им беше советник и учител на најучените луѓе на неговото време, каков што беше Св. Атанасиј Велики.
Кога некои елински филозофи го искушуваа со книжевна мудрост, Антониј ги засрами со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени филозофите се разотидоа, зашто видоа дека самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го има Антониј. Тој е човек кој го достигна совршенството коешто воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој е воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразуваше себеси, па само така имаше сила да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, Свети Антониј се упокои во Господа во 335 година.
Легенда:
Св.Антониј Велики, поминал долги години во тешки искушенија и во борба со бесовите во пустината. Тој се молел на Бога непрестано, но Бог како да не му одговарал, така продолжило доста време. Еден ден во пештерата каде тој пребивал, влегле и го нападнале ужасни зверови, нанесувајќи му смртоносни рани. Но, Антониј не престанал да се моли на Бога, за на крај да го почуствува присуството на Спасителот, тогаш извикал: „Каде беше благи Исусе“? Каде беше досега? И тогаш слушнал глас: „Тука бев, но чекав да ја видам твојата машкост. А сега, бидејќи храбро се бореше, секогаш ќе ти помагам и ќе бидам до тебе, тогаш Исус му ги исцелил раните, и му ветил дека ќе го направи да биде познат по целиот свет, па му дал способност да може да лекува болни.