Црквата Свети Спас, која се наоѓа источно од тврдината Кале, е најстара црква во централното градско подрачје. Според стручната литература таа била подигната кон крајот на седумнаесеттиот или во почетокот на осумнаесетиот век, по пожарот од 1689 година, во кој изгорел поголемиот дел од градот.

Во 1963 година, бил делумно разурнат јужниот дел на црквата. Тогаш, бил откриен постар ѕид кој припаѓал на првобитната црква. На овој ѕид се наоѓаат добро зачувани фрески. Судејќи според стилот, живописот припаѓа на шеснаесеттиот век. Се претпоставува дека над таа стара црква била изградена новата на крајот на седуманесеттиот или почетокот на осумнаесеттиот век. Според некои податоци, нејзиното градење било поврзано со градењето на црквата „Света Петка” во нејзина близина, која била претворена во џамија.

Ако во минатото оваа црква била свето место каде што старите Скопјани се собирале на утрински литургии, каде што свештениците ги извршувале Светите тајни, каде што се палале свеќи за здравје и спасениe и за покој на душите на починатите, денес таа е Музеј, во кој можете да влезете само за да го разгледате преубавиот иконостас.

Ако во минатото таа била многу посетувана за Божик, денес таа, токму на овој празник не работи.



Раскошна внатрешност

Градена во период кога Македонија била под турско ропство, кога Турците не дозволувале светилиштата да доминираат во просторот, таа е длабоко вкопана во земја.Во неа се влегува низ неколку камени скали. Црквата е троброднасредниот брод е засводен, страничните се рамни и покриени со штици во коцки, додека во западниот дел е подигната галерија за жени.
Таа е скромна однадвор. Но, кога ќе влезете внатре тешко дека ќе останете рамнодушни од она што ќе го видите внатре. Прекрасниот иконостас зрачи во темниот простор. Тој е долг 10 метри, а висок 6 метра. Преубавата длабока резба низ која се проткаени мотиви од Сатриот и Новиот завет е само уште еден доказ дека низ овие простори од многу одамна твореле врвни мајстори на занаетот. Освен сцени од Светото писмо се забележуваат и разни геометриски орнаменти, фигури од растителниот и животинскиот свет.

Според својата конструкција иконостасот се дели на пет хоризонтални појаси: база, галерија на престолни икони, архитрав, атика и акротерион. Стручните лица забележуваат дека, големата уметничка вредност на овој иконостас се согледува во нежноста на линиите, во изведената пластичност на формите, мајсторската стилизација и барокната разиграност. Престолните икони, во најголем број, се работени заедно со иконостасот. Во неговиот горен дел се забележува и икона посветена на Рождеството Христово, на празникот кој го прославуваме на 7 Јануари, а кој во минатото бил одбележуван и во оваа црква, која денес, токму на овој голем христијански празник е затворена токму поради празникот.

Иконостасот изработен од резбарската група на Гарката

Според уметничките квалитети иконостасот спаѓа во редот на најубавите Мијачки копаничарски дела. Тој бил изработен од 1819 до 1824 година, од резбарската група на Петре Филиповски – Гарката со неговиот брат Марко и Макарие Фрчковски од селото Галичник. Во десниот крај од иконостасот на јужната страна се претставени авторите Петре Филиповски како го изработува планот, а другите двајца држат во рацете чекани и длета.

Во книгата Споменици на културата на Македонија издадена 1980 година е забележано дека, Петре Филиповски целиот свој живот го посветил на копаничарското дело и тој оставил поголем број иконостаси, како што се: во манастирската црква во Лесново, големиот крст за црквата Св. Ѓорѓи во Призрен и иконостасот и балдахинот на Св. Јован Бигорски. Во последните години на својот живот го изработил иконостасот за црквата Св. Никола во Крушево. Но, ова негово последно дело изгорело за време на Илинденското востание во 1903 година, се вели во книгата Споменици на културата на Македонија.

Во текот на деветнаесеттиот век црквата го добила својот дефинитивен внатрешен изглед. Во 1924 година биле довршени иконостасот и иконите, а во 1867 година е изработен дел од престолните икони. За изведување на иконостасот и иконите, занаетчиските еснафи и трговци од Скопје го дале својот прилог.

Гробот на Гоце Делчев

Она по што исто така е познат комплексот Свети Спас е тоа што во неговиот двор се наоѓа гробот на големиот македонски револуционер и национален херој Гоце Делчев. Посмртните останки на Гоце Делчев во Скопје биле пренесени на 10 октомври 1946 година и на празникот 11 Октомври биле свечено положени во камениот ковчег.

Со тоа е исполнет заветот тој да биде погребан во главниот град на слободна Македонија, за која се борел и загинал. За моштите на Гоце Делчев се знае дека од 1917 година од селото Баница се преместени во Софија, каде останале се’ до пренесувањето во Скопје.Откако во Софија им биле предадени на тогашните македонски претставници, посмртните останки патувале неколку дена преку Пиринска Македонија, Струмица и Штип, а на 10 октомври 1946 година стасале во Скопје и со највисоки почести биле погребани во црквата „Св. Спас”. За цело време додека се пренесувале коските на Делчев, биле пречекувани од македонските граѓани кои масовно излегувале да му оддадат почит на великанот.

Секоја година на 4 мај, на денот кога бил убиен големиот македонски револуционер,пред белиот камен саркофаг во кој се ставени неговите коски се поклонува држвана делегација.

Во конаците на црквата Св. Спас е сместен Музејот на Гоце Делчев, во кој се изложени парчиња на оружје и други експонати. Може да се најде комитска облека, може да видите парчиња оружје од приватни колекции, јатагани, куршуми, пушки и друго.

Комплексот Свети Спас, кој е само уште еден дел од Музејот на отворено- Старата скопска чаршија, навистина има што да им понуди на посетителите.

Во црквата, која денес е Музеј, богослужба се врши само за нејзиниот патронен празник Спасовден.