Кога христијаните влегуваат во Божјите храмови палат свеќи. Но, зошто го прават тоа? Од каде потекнува тој обичај и кое е значењето на запалената свеќа?

За Светата Црква свеќата е симбол на Христа и Неговата светлина со која се растерува темнината во душата на човекот и во светот. Самиот Христос рекол: „Јас сум Светлина на светот, кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јован 8, 12).
Палењето свеќи се сретнува уште во Стариот завет. Да се направи светилник од чисто злато со седум кандила, е една од првите наредби која Господ му ја дал на Мојсеј. Свеќи палеле и светите апостоли, и првите следбеници на Христа, кога се собирале ноќе заради проповедање на Словото Божјо, молитвите и кршењето на леб.
Во првите векови на христијанството за време на богослужбите секогаш се палеле свеќи. Од една страна имало и потреба од тоа: христијаните, гонети од многубожците, богослужбите ги држеле во подземни простории и катакомби, и тие биле одржувани ноќе кога било темно. Но, она што е најважно, светлината имала и духовно значење. Еден од црковните писатели од првите векови по Христа, Тертулијан запишал: „Ние никогаш не извршуваме богослужение без запалени свеќи. Но, не ги употребуваме само за да ја растераме темнината, туку за тоа што палејќи ги свеќите Го изобразуваме Христа несоздадената светлина, без кого и напладне би оделе во темнина“.
Верниците – чеда на Светлината
Отецот Владимир Кралев од црквата „Свети Јован“ во Капиштец вели дека палењето свеќи се сретнува уште во Стариот Завет. Но, во Новиот Завет тоа има многу поголема симболика.
– Запалената свеќа ја претставува светлината на нашиот Господ Исус Христос со која тој ја осветли Вселената. Тој самиот рекол „Јас сум Светлина на светот“. Запалената свеќа, односно Светлината како термин, повеќе се употребува во библиската симболичност. Со неа се карактеризира божјото присуство и благодатта. Со запалената свеќа се покажува контрастот меѓу доброто, одосно светлината и темнината, која го претставува злото. Божјата светост се изразува со терминологијата ’Непристапна светлина’, а верниците во неа се нарекуваат чеда на Светлината, вели нашиот соговорник.
Свеќите се употребуваат при извршување на Свети Тајни и во богослужбите. Според отец Кралев, можеби најубава химна за Светлоста е од вечерната богослужба каде што се вели, „Светлино тивка на светата слава на бесмртниот отец небесен, светиот и ближениот Исусе Христе, откако зајде Сонцето ја видовме вечерната Светлина“.
– Во старата црква свеќите ги палеле на вечерната служба. Во палењето на свеќите има и христолошко значење. Христос е вистинската светлина која ја засвети темнината на идолослужењето и ги осветли оние кои беа во темнина и сенка смртна. Во богослужбите се употребува и реченицата „Светлината Христова ги осветлува сите“. Со свеќа се претставени и некои светители. Свети Фануриј во иконографијата е претставен со запалена свеќа, вели отецот.
Христијаните се повикани да ја разнесат Светлината
Во црквите при секое богослужење, за разни молитвословија и при Светите тајни, се палат свеќи, а нивниот број е одреден во Типикот, според кој се раководат свешетниците. На венчавка на сопружниците им се даваат свеќи како знак на чистота, објаснува нашиот соговорник.
Свеќата на крштението ја симболизира духовната светлина која ја прима новопросветениот. Свеќите на погребот, гробот и поменот ја симболизираат светлината Христова, која се молиме да го просветли покојниот и да го упокои на место светло, блажено, каде нема тага, ниту воздишка, но живот бесконечен.
– Христијаните во првите векови, особено апостолите, се повикани да ја разнесат Светлината по светот, вели отец Кралев, повикувајќи се на цитат од апостол Матеј.
Во светото евангелие според Јован, Светлината се однесува, поконкретно, за да ја открие божјата љубов во Христа. „Исус е Светлина на светот“ (Јован 8,12).
Првата свеќа за Господ Исус Христос
Кога се оди во Храмот, верникот треба да запали свеќи за живите и за покојните. Тоа треба да биде проследено со молитва, за живите да бараме милост и заштита, а за покојните успокојување и спасение на душите.
– Свеќите во храмот се палат на специјално определено место за свеќи, т.н. шандани. Свеќата е симбол на молитвата на верникот. Со нејзиното горење пред икона ја прикажуваме толината на љубовта кон Господ, Божјата Мајка или кон светителите. Го покажува стремежот на човекот кон духовна преобразба, исто како што восокот се претвора во оган. Восокот со својата мекост ја симболизира подготвеноста на човекот да се покори пред божјата волја. Со купување на свеќа ние правиме доброволна жртва кон Бога и кон божјиот храм за себеси и за своите блиски, објаснува нашиот соговорник.
Тој напоменува дека црковните свеќи треба да се купуваат исклучително за сакрални цели, а не за магиски ритуали.
– При палење на свеќа, верникот треба да се прекрсти и да ја бакне, што пак, симболизира љубовта кон оние за кои е наменета свеќата. Првата свеќа треба да биде наменета за Господ Исус Христос, втората за Пресвета Богородица, третата за оној светец чије име носиме, потоа за нашите блиски. Една од најзначајните видливи пројави на православните е запалената свеќа. Палењето на свеќата означува дека сме ние Христови следбеници на религијата на Светлоста, и свеќата е определена жртва кон Бога. Затоа и кога ќе дојде верникот во црква прво купува свеќи. Тие се палат за живи и за починати. Но, битно е да се напомене дека пред Бога сме сите живи, каде и да се запали свеќата, вели отец Кралев. Според него, запалената свеќа е израз за почит и побожност.
Според зборовите на светиот Јован Кронштатски: „Добро е да се поставуваат свеќи пред иконите. Но, подобро е ако како жртва на Бога принесуваш оган на љубовта кон Него и кон блиските. Добро е ако заедно се прави и едното и другото. А, ако палиш свеќи, а во срцето немаш љубов кон Бога и ближниот, и не живееш мирно – тогаш е залудна твојата жртва кон Бога “.
Свеќите во црква се осветени
– Да се палат свеќи и кандила за време на молитвата и богослуженијата станува не само христијанска црковна практика, туку и задолжение, откако светите отци на Седмиот вселенски собор одредиле: „Во Црквата Христова да се кади со темјан и да се палат свеќи и кандила. Со тоа се прави чест пред светите икони, светите мошти, чесниот крст и светото Евангелие“, вели протоѓаконот Ратомир Гроздановски.
Црковните лица порачуваат дека свеќата треба да се купува во црква оти таа е направена со молитва и благослов (таа е осветена).
Со секоја купена свеќа од црква, христијанинот директно учествува во возобновувањето и украсувањето на храмот од каде што ја купил свеќата.
За Црквата, со купување на црковна свеќа, верниците даруваат принос од материјалните богатства со кои Бог ги дарувал. Тие приноси се многу значајни за успешната хуманитарно-мисионерска дејност на Црквата.